Фото: Слободен печат

Половина нација на августовска релаксација: Многу дуќани и ресторани ставија клуч на врата

Од крајот на јули, па сè до втората половина на август, многу дуќани, пекарници, пицерии, сендвичарници, бутици, па дури и ресторани, објавија прекин на работата поради колективен годишен одмор. Ваквата појава, која се совпаѓа со пеколните горештини, секоја година зема сè поголем замав. Бизнисмените велат дека со години одбивале да затворат на подолг период во летните месеци, но тогаш имале доволно кадар да организираат сменско работење.

– Како бизнисмен, секогаш сум имал дилема дали да организирам колективен годишен одмор, но годинава веќе немав избор. Од крајот на јули, па сè до средината на август, градот е празен, а прометот е толку намален што не се исплати да отворам. Првенствената причина зошто се решив за колективен одмор беше големиот пад на пазарот, што може да ми го загрози бизнисот. Во изминативе четириесетина дена од летото, трошоците за ладење и за одржување на фрижидерите се толку големи што ќе го изедат целиот профит – објаснува еден скопски трговец.

Последниве години, во летните месеци, голем број ресторани не успеваат да ја организираат работата поради намалениот кадар, кој заминува во Хрватска и во Црна Гора и не се враќа ни на крајот од летната сезона.

– Ако во минатото било невообичаено да се затвори кафеана, сега веќе е неопходно. Нема готвачи, нема келнери, нема дури и хигиеничари. Од пролетоска се борам, прво престанавме со служење храна, потоа воведовме самопослужување, а на крајот застанав сам да ги служам гостите на шанкот. Нема фајде од таквата работа. Се плашам дека луѓето нема да се вратат и дека ќе го продолжиме „колективниот одмор“ и во септември – додава познат скопски угостител.

Речиси сите бизнисмени со кои разговараше „Слободен печат“ се согласни дека во моментот колективниот одмор е подобра опција отколку да работат со недостиг на работна сила. И работниците се согласуваат со ваквото објаснување.

– Со колегите се менувавме за летните одмори. Но, додека некои одмораа, другите се „убиваа“ од работа, сите бевме преморени и преоптоварени, бидејќи не е лесно да заменуваш некого две, па и три недели, особено ако работиш во пекарница, каде што температурата е над 60 степени, а климата не постигнува да излади – вели една продавачка.

Претходните години колективно одмораа адвокатите и нотарите, бидејќи судовите престануваат да работат на 15 јули и повторно почнуваат со работа на 15 август. Поради намалениот кадар и намалениот обем на работа, детските градинки ја организираат работата така што ги собираат дечињата од различни возрасти во една група, а ги чуваат само две негувателки. Колективно одмораат и наставниците иако не како порано два месеца, туку само три недели.

Правото на годишен одмор е загарантирано со Уставот

Правото на платен годишен одмор е уставно загарантирано право (според член 32 став 4 од Уставот на Република Македонија). Уставот на Република Македонија става посебен акцент на неприкосновеноста на правото на одмор, со определбата дека од ова право вработениот не може да се откаже. Доследно на ова, евентуална изјава со која вработениот би се откажал од правото на годишен одмор, односно од правото на паричен надоместок за годишен одмор (што му следува доколку не го искористи), во правна смисла е ништовна, а тоа значи не произведува правно дејство. Со други зборови – секоја изјава што би ја потпишале дека се откажувате од годишен одмор или од правото да бидете платени – нема да важи на суд. Истото се однесува и за евентуална спогодба меѓу работодавачот и работникот.
Работникот има право од платен годишен одмор од најмалку 20 работни дена, со тоа што со колективен договор или договор за вработување годишниот одмор може да се продолжи најмногу до 26 дена. Тоа значи дека иако во договорот за вработување не е внесена посебна клаузула за годишен одмор, според важечките колективни договори и за приватниот и за јавниот сектор што се однесуваат на сите компании, независно дали се или не се негови потписници, законскиот минимум за годишен одмор е 20 работни дена, а максимумот е 26 работни дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот