Радмила Шекеринска НАТО
Фото: МИА

Политико: Шекеринска е фаворит во трката за втор човек на НАТО

Името на поранешната министерка за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска, е широко распространето, според дипломат на НАТО и висок функционер на НАТО. Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската Унија

Радмила Шекеринска се наоѓа во потесниот круг на кандидати за функцијата заменик на генералниот секретар на НАТО, пишува „Политико“. Според овој медиум, поранешната вицепремиерка во нашата влада е во трка за оваа функција со бивша функционерка од Бугарија.

Пред да го почне својот нов мандат како шеф на НАТО, Марк Руте веќе ги разгледува биографиите на оние што сакаат да бидат негова десна рака. Меѓу нив е и името на поранешната министерка за одбрана на Македонија, Радмила Шекеринска.

– Можеби функцијата ќе ѝ припадне на жена од Источна Европа – изјави поранешната портпаролка на НАТО, Оана Лунгеску за „Политико“.

Висок дипломат на НАТО од Западна Европа вели дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека Источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Руте. Дипломатот, како и другите дипломати на НАТО цитирани во оваа сторија, како што пишува „Политика“, говори анонимно за да „го сподели внатрешното чувство“. Разговорот во седиштето на НАТО се фокусира на двајца поранешни функционери од Северна Македонија и од Бугарија.

Руте ќе го преземе кормилото на НАТО на 2 октомври, во време кога воената алијанса се стреми кон итна мисија да го поддржи Источното крило со цел да спречи каква било потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години доколку одлучи да го стори тоа.

Името на поранешната министерка за одбрана на Македонија Радмила Шекеринска е широко распространето, според дипломат и висок функционер на НАТО. Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската Унија. Земјата влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога за нејзиното членство.

Прозападно ориентираната Шекеринска во моментов е потпретседател на Партијата на европските социјалисти на Европа. Во интервјуто по отпочнувањето на руската инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“.

– Напротив, првично големите членки на НАТО немаа посебен апетит за проширување – рече таа.

Мајда Руге, виш политички соработник во Европскиот совет за надворешни односи, ја пофали македонската политичарка како идеален кандидат.

– На следниот заменик-генерален секретар на НАТО ќе му треба висока личност која е високо компетентна, има храброст, паметна е за Русија и исто така ги разбира предизвиците во Западен Балкан. Радмила Шекеринска совршено се вклопува во тој профил – рече Руге, експерт за балканскиот регион.

Друг кандидат е поранешната вицепремиерка и поранешна еврокомесарка од Бугарија, Марија Габриел.

– Има гласини околу поранешната еврокомесарка и бугарска вицепремиерка Марија Габриел – рече Лунгеску.

Бугарската и македонската делегација во НАТО не ги коментираа кандидатурите.

Бугарија е во центарот на вниманието поради блиските врски на нејзините политички елити со Русија. Во април, премиерот во заминување Николај Денков предупреди во интервју за „Политико“ дека „Русија ќе стори сè што е можно за да го врати своето силно влијание во Бугарија“. Софија, исто така, склучуваше договори за зајакнување на улогата на Москва како доминантен снабдувач со енергија во Југоисточна Европа, и покрај реторичката поддршка на земјата за Украина. И за двете земји, сепак, има загриженост поради корупција. Според Транспаренси интернешнл, Бугарија е рангирана на 67 место во светот според нејзиниот Индекс за перцепција на корупцијата. Македонија, пак, е рангирана на 76 место.

Додека двете балкански кандидатки се сметаат за фаворити, има и други предложени кандидати што му се нудат на Руте. Поранешниот летонски премиер Кришјанис Кариш, кој некогаш ја сакаше работата на Руте, се бори да биде негов заменик.

Според двајца дипломати на НАТО, Полска и Турција – и двете со сериозни воени капацитети – размислуваат да понудат свои кандидати. Сепак, Полска е оптоварена од внатрешните борби меѓу претседателот Анджеј Дуда и премиерот Доналд Туск.

Според Лунгеску, улогата на заменик-генерален секретар доби зголемена важност во текот на последната деценија. Примарната улога на носителот на функцијата е да претседава со состаноците на 32 амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!