
Политичкото здружување е поопасно од злосторничкото
Со измените во Кривичниот законик и тоа по скратена постапка, без дебата и анализа за последиците, сериозно се загрозува правната сигурност во државата и со нив борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна, оцени Антикорупциската комисија
Сите криминални функционери од СДСМ, ДУИ и од ВМРО-ДПМНЕ имаат или ќе имаат корист во иднина од измените на Кривичниот законик со кои се намали затворската казна за злоупотреба на службената должност и за злосторничко здружување, а во моментот само глумат лажна кавга пред граѓаните, велат аналитичари за „Слободен печат“, по експресната измена на законот за што собраниската процедура заврши за неколку часови!
Препорачано
Поради застареност на делото, од одење во затвор ќе се спасат сите поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ за кои се водат судски постапки во предметите на некогашното Специјално јавно обвинителство, а истрагите што СЈО ги префрли во ЈО и кои досега се чуваа во фиока, без да се подигнат обвиненија, ќе се префрлат во канта за ѓубре. На ова предупредуваат и жестоко не се согласуваат правници, здруженија, организации, дел од опозициските партии и целокупната јавност – сите тие деновиве искажуваат огромен револт од измените на законот.
Адвокатот Звонко Давидовиќ објаснува дека законските измени се спас за обвинетите функционери затоа што ако два или повеќе пати се менувал КЗ за време на судењето за обвинетиот, важи одредбата која е поповолна за обвинетиот. Според Давидовиќ, намалувањето на казната за злоупотреба на функцијата во сегашната ситуација е нонсенс, затоа што кога бројот на одреден вид кривични дела расте, казнената политика треба да се засили зашто тоа влијае да се намалат тие кривични дела.
– Измената е надвор од секоја правна логика. Ова само ни покажува колку политиката и партиите влијаат врз правосудството во Македонија и врз неговата реформа, на која не ни мислат. Со ваков однос на политиката, со вакви упади не може да се очекува дека правосудството ќе заздрави. Каде би можеле да одиме подолу од ова? Не им е првпат да се договорат, а од овие измени ќе имаат корист функционерите и од претходната и од сегашната власт. Тие сега само глумат дека се во кавга, ама секогаш се сложни кога станува збор за разнебитување на државата – вели Давидовиќ за „Слободен печат“.

Тој очекува на оваа тема да реагираат судовите и обвинителствата, затоа што со оваа одредба нивен труд „се фрла во вода“.
– Имаме Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, кое освен со криумчарење мигранти и со бизнисмени со други не се занимава. Ниту гонат ниту обвиниле некој функционер за организиран криминал или корупција. Зошто не го искажат својот став за ова? – прашува Давидовиќ.
„Слободен печат“ го праша Јавното обвинителство за став за измените на КЗ што се однесуваат на злоупотреба на службената положба и на злосторничкото здружување, колку истражни постапки воделе лани и годинава и дали со овие измени пропаѓа трудот на обвинителите што вршеле вакви истраги, но од ЈО само рекоа дека во овој момент не би ги коментирале измените на законот и дека тие не се законодавецот.
Со намалените затворски казни за злоупотреба на овластувањата и за злосторничко здружување се намалија и роковите за застареност на кривичното гонење и за издржување на казната, со што кога измените ќе стапат на сила дел од предметите на поранешното СЈО автоматски ќе застарат и ќе престане кривичниот прогон. Најголемо внимание предизвикува судбината на предметите во кои е осуден или обвинет експремиерот Никола Груевски, кој во 2018 година избега во Унгарија, каде е во азил.
Според анализите, паѓа обвинението за провизијата со кинеските автопатишта познато како „Траекторија“ и затворската казна од 9 години за предметот „ТНТ“, односно уривањето на заградата „Космос“. Груевски ќе биде слободен по една година, кога ќе застари пресудата за влијание врз Гордана Јанкулоска во предметот „Тенк“, а во предметите „Насилство во Општина Центар“ и во „Плацови на Водно“ може да му се суди повторно бидејќи е суден во отсуство, ама за овие два предмета е обвинет за дела за кои нема измени во Кривичниот законик.
Ќе прекине прогонот за пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев за предметот „Дизајн“ и на Антонијо Милошоски, а се очекува да застарат и предметите „Тврдина-Таргет“ против Сашо Мијалков за незаконското прислушување, како и „Талир“ и „Трезор“. Ќе прекине прогонот и за Миле Јанакиески во случаите „Топлик“, „ТНТ“ и „Шпански скали“.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата вчера реагираа дека се изненадени и загрижени од ваквиот начин на носењето на измените. Велат дека Министерството за правда од нив побарало да достави мислење за измените до 20 септември, а измените беа усвоени на 6 септември.
– Како еден од столбовите на правниот систем, Кривичниот законик треба да го штити функционирањето на правната држава, а со измените што сега ги претрпува и тоа по скратена постапка, без дебата и анализа за последиците, сериозно се загрозува правната сигурност во државата. Со овие измени, борбата против корупцијата и натаму ќе остане само декларативна. Со интервенциите во членовите 353, 353в и 394 не се придонесува кон зајакната борба против корупцијата и организираниот криминал, напротив, се зголемува ризикот од политички пазарења и трговија со влијание – реагира Антикорупциска.
Со загриженост реагираа многу организации, како „Транспаренси интернешнл“, Платформата за борба против корупцијата, Блупринт групата за реформи во правосудството и сите се едногласни дека измените се многу лоши и ќе овозможат застарување на многу случаи.
Освен за кривичните дела за функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, во јавноста има реакции и дека ќе застарат делата на функционерите на СДСМ, двајцата поранешни генерални секретари на Владата, Драги Рашкоски и Мухамед Зекири.