Пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани / фото: Stringer / AFP / Profimedia

Полициски инспектори и командир од Кочани добија кривична пријава за прекршок поврзан со „Пулс“

Двајца инспектори и командир на кочанската полиција добија кривични пријави затоа што во октомври 2023 година напишале прекршочна пријава за присуство на малолетници во дискотеката „Пулс“ во Кочани на неактивна фирма на сопственикот, наместо на фирмата на која во тој момент гласел клубот, соопшти МВР.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против К.Б., Г.Л. и А.Т. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 став 1 од Кривичниот законик“, велат од МВР.

„Првопријавениот К.Б., во време на извршување на кривичното дело на работно место помлад инспектор-водич на безбедносен реон во Полициската станица Кочани на 07.10.2023 и второпријавениот Г.Л., во време на извршување на кривичното дело на работно место инспектор за прифат-сменоводител во Полициската станица Кочани на 25.11.2023, по спроведена акциска контрола во кабаре „Пулс“ Кочани за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир (присуство на малолетници по полноќ, Н.З.), изготвиле записник за сторен прекршок и прекршочен платен налог на неактивно правно лице ДПТУ Класик ДМ ДОО Кочани и на одговорно лице Д.Ј., иако знаеле дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани, подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С., со што овозможиле имотна корист за правното лице ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани и одговорното лице Митко Стојанов“, велат од МВР.

„Третопријавениот А.Т., во време на извршување на кривичното дело на работно место командир на Полициската станица Кочани, во два наврати на 01.02.2024 и на 07.02.2024 одобрил и потпишал барање за поведување прекршочна постапка за констатиран прекршок по член 21 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир против неактивен правен субјект ДПТУ Класик ДМ ДООЕЛ Кочани и одговорно лице Д.Ј. и ги доставил до Основен суд Кочани – Одделение за прекршоци, претходно констатирани од првопријавениот на 07.10.2023 и од второпријавениот на 25.11.2023, иако знаел дека на 15.02.2023 во Централниот регистар правното лице е регистрирано како Друштво за производство, трговија, услуги и угостителство ДПТУУ ММММ Кафе ДООЕЛ Кочани – подружница кабаре „Пулс“ со одговорно лице М.С.“, се додава во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот