
Полицијата во Демир Хисар му напиша записник за прекршок на синот на директорката зашто не бил ученик, а влегол во училиштето без согласност на другата директорка
Полицијата во Демир Хисар денеска му напишала записник за констатиран прекршок на синот на Маја Лозановска, директорката на средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ за која полициски началник во петокот бараше на носилка да се спроведе на информативен разговор во станица, кога полицијата беше во потрага по печатите на училиштето, за на функција да може да стапи друга директорка што ја назначил градоначалникот.
Препорачано
Во записникот за констатиран прекршок пишува дека во 10 часот и 30 минути синот на Лозановска влегол во училиштето без да му дозволи директорката што беше назначена од страна на градоначалникот, Јасмина Дамчевска.
Во опис на делото според полицијата, е наведено дека синот сторил прекршување на членот 26 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
„Кој го ремети јавниот ред и мир во заеднички простории (столбиште, подрум, заграден двор) на станбена зграда во која не е населен, во двор или простории на училиште во кое не е ученик или во простории на друга јавна зграда ќе му се изрече глоба во износ од 50 до 150 евра во денарска противвредност“, гласи овој член на законот.
Синот на Лозановска одбил да го потпише записникот а неговиот адвокат Жарко Стеваноски ќе го оспори зашто во Централниот регистар директорка е Маја Лозановска, а не Јасмина Дамчевска, која во полицискиот записник за констатиран прекршок фигурира како директорка.