Влада на РСМ / фото: Драган Митрески - Слободен печат

Погломазната државна управа ќе биде уште понеефикасна

Наместо добро организирана и добро структурирана администрација, добивме зголемена, па освен финансискиот товар, гломазноста ќе влијае и врз ефикасноста на давањето на услугите, односно ќе продолжи неефикасното сервисирање на потребите на граѓаните, вели професорот Темелко Ристевски

Суштински системски закон, каков што е Законот за организацијата и работата на органите на државната управа, не смее да се носи набрзина, без широка јавна расправа и без процена на влијанието на решенијата и не треба да се носи во скратена постапка во Собранието, го коментираат експертите начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ во саботата, во ситните утрински часови, ги донесе измените со кои владиниот кабинет наместо досегашните 16 ќе има 20 министерства. Според нив, измените не се реформски туку со нив се направи само реорганизација на актуелните министерства и нивната администрација, а суштинска реформа би било ако се создаде мала и ефикасна администрација.

Ни треба мала и организирана управа

Професорот Темелко Ристевски вели дека ние сме мала држава и секое зголемување на јавната администрација е нелогично, пред сè, затоа што удира по џебот на граѓаните што го полнат државниот буџет, од каде што ќе се финансираат и новите министерства.

– Стара е приказната дека нашата администрација е гломазна, а со зголемувањето на бројот на министерствата ќе биде уште погломазна. За да имаме ефикасна администрација потребно е таа да биде мала, добро организирана и добро структурирана. Наместо тоа, ние имаме нејзино зголемување, па освен финансискиот товар, гломазноста ќе влијае и врз ефикасноста на давањето на услугите, односно ќе продолжи неефикасното сервисирање на потребите на граѓаните. Проблемот со нашата организација на државната управа е лошо поставената структурата на самите министерства. Потребно е во ресорите да има концентрација врз основа на сличностите на дејностите, а сега тоа го нема, односно министерствата не ни се структурирани според овластувањата, со строги надлежности – вели Ристевски за „Слободен печат“.

Исто така, додава тој, ваков суштински закон не треба да се носи без претходна длабока анализа и јавна расправа, а наместо тоа донесен е набрзина.

– За да се пренесе сето ова во практика ќе биде потребно време, затоа што треба да се донесе регулацијата, да се усвојат подзаконски акти, како правилници, упатства итн. Потребно е кадровско преструктуирање и просторни решенија за новите министерства итн. Дури ако секој инволвиран е посветен и ефикасен и максимално се вложува за да се заврши работата најбрзо, целиот овој процес би траел шест месеци. Но, ние по традиција сме малку побавни, познати по јавашлакот, па сметам дека ќе помине цела година, можеби и повеќе за да се преточи во пракса новата организација на државната управа – вели Ристевски.

И другите познавачи на управното право и на јавната администрација не се согласуваат дека законските измени ќе придонесат за поголема ефикасност на министерствата. Според професорот Борче Давитковски, повеќе од 25 години се прават реформи во јавниот сектор, но состојбата не се подобрува. Тој потсетува дека во 1998 година ВМРО-ДПМНЕ донесе сличен закон, со кој се формираше Влада со речиси 30 члена, а оттогаш постојано се прават реформи, но не се разграничија надлежностите меѓу старите и новите министерства.

– Сега ќе биде иста ситуацијата, што значи и во наредните 30 години постојано ќе правиме реформи за да ги избегнеме удвоените, а некаде и утроените надлежности меѓу министерствата. Во теоријата постојат принципи и начела, на кои мора да се темели секоја нова реорганизација на органите на управата. За жал, кај нас теоријата никој не ја консултира и почитува. Набрзина, „шнајдерски“ се формираа четири нови министерства, без направена соодветна стручно фундирана анализа. За жал, кај нас победникот, односно власта, го зема целиот плен и може да прави сè што ќе посака – вели Давитковски.

Времето, додава тој, ќе покаже колку овој закон е реформски, а колку ќе ја продолжи партизацијата на јавниот сектор.

– Суштината е да се направи вистинска реформа и разграничување на министерставата и тогаш ќе се види дека за повеќе од 13-14 ресори нема потреба. Англискиот кабинет има 13, францускиот 14, а ние со 20, плус министри без ресор и заменици-министри, одиме кон африканска влада – изјави Давитковски за медиумите.

Нема да се градат згради за новите министерства

Реагираше и Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата за затворениот и неконсултатитвен процес на носење законски измени.

– Формирањето три нови министерства и реорганизацијата на државната управа без претходна длабинска анализа за оправданоста на предлогот е неприфатливо за Платформата. Укажуваме дека ова влијае негативно врз соработката и довербата на граѓанското општество со креаторите на јавните политики. Реорганизацијата на државната управа е исклучително важен процес, кој мора да почива врз принципите на транспарентност, вклученост и претходна подготовка на граѓаните за системските промени што се иницираат – соопшти Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата.

Секретарот за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, кој во техничката влада беше заменик-министер за информатичко општество и администрација, вели дека со реорганизацијата на министерствата се отворил патот кон реформите.

– Оваа реорганизација на министерствата беше најавена на трибините на ВМРО-ДПМНЕ пред околу седум месеци, кога почнавме да зборуваме дека ни е потребно менување на фокусот на министерствата. Македонија е една од ретките држави каде министерствата се формирани со закон од 2000 година и потоа 24 години мали биле можностите за промени.
Фокусот на овој закон, освен реорганизацијата, е почитување на дел на препораките на ЕУ преку Сигма-извештаите. Има ситуации и кога законот не е променет, а материјалната состојба е променета. На пример, има управи, агенции, служби што повеќе не постојат, како Агенцијата за информации, кои никогаш не биле укинати со закон – рече Андоновски.

Според него, ќе нема дополнителни трошоци за изградба на згради за новите министертва, туку ќе се искористи постоечката инфрастурктура, а не очекува ниту зголемување на бројот на вработените. Се очекуваат предизвици и критики во процесот на префрлување на вработените од едно во друго министерство, но според Андоновски, вработените ќе бидат вклучени во овој процес преку своите синдикални претставници.

Измените стапија на сила и почнаа да течат роковите за имплементација. Во преодните одредби е наведено дека државните органи, освен што треба да ги прераспределат надлежностите и вработените, се должни во рок од шест месеци да ги усогласат посебните закони со кои се уредуваат основањето, работите, надлежностите на органите на државната управа и другите општи акти од своја надлежност.

Нови министерства се тие за спорт, за европски прашања, за дигитална трансформација, како и за енергетика, рударство и минерални суровини. Секторот труд е префрлен во Министерството за економија, Култура е збогатена со туризам, Социјала е збогатена со секторот демографија и млади, а МНР со надворешна трговија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот