
Поетската збирка „Љубов облечена во бело“ на Милена Лунеска носи стихови за тагата и радоста
Новата збирка со поезија „Љубов облечена во бело“ на авторката Милена Лунеска деновиве излезе од печат во издание на „Попули“. Куферот со спомени, радости и таги е полн и тежок. Милена Лунеска од него ја извлекува силата за да си ги исцели раните, да се исправи и да продолжи да се бори. Затоа што животот за неа е и танц и борба и газење боса по трње и посегање по ѕвездите и „Љубов облечена во бело“.
Препорачано
Милена Лунеска е родена во Кичево во 1963 година. По професија е економист и многу години е раководител на сопствена фирма. Но, неколку години бројките целосно ги заменува со зборови, посветувајќи се на пишување книги и на семејството.
Пишува проза и поезија, која често се објавува на многу македонски портали. Објавени се и во некои списанија во Црна Гора и Хрватска. Авторка е на четири романи: „Два часа“, „Исчистени души“, „Ќерката на премиерот“ и „Добро утро, љубов!“, објавени за различни издавачки куќи.
Секоја книга е со различна животна тема, емотивно и врвно писателски раскажана, па од тие причини на читателот му станува разбирлива, непосредна и блиска. Нејзината емотивност и позитивност, односно првиот глас на своите совест, срце и душа, ја пренесува на страниците на новата, петта книга, овој пат стихозбирка со наслов „Љубов облечена во бело“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 119, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 5-6 март 2022)