
Поетесата Цветанка Невчева за стихозбирката „Исихија“ ја доби наградата „Бели мугри“
Наградата „Бели мугри“ за поетска книга на млад автор до 35 години, која ја доделува ЈУ Дом на култура „Кочо Рацин“ од Скопје и истата е дел од едицијата „Бели мугри“, за 2024 година ја доби поетесата Цветанка Невчева.
Препорачано
Првонаградената стихозбирка „Исихија“ беше промовирана на 4 декември во Домот на културата „Кочо Рацин“, каде се одржа поетско-музичката манифестација „Денови“, која установата ја организира во чест на раѓањето на македонскиот поет и револуционер Кочо Рацин.
Пред 85 години од печат излезе стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин. По тој повод Филип Димкоски состави рецитал од неколку песни од стихозбирката „Бели мугри“. Рециталот беше изведен во рамките на манифестацијата од страна на актерите Марина Поп Панкова и Христијан Поп Симонов. Свој музички настап имаше и гудачкиот квартет на Пламенка Трајковска.
Пред присутните се обрати претставникот на жирито Славчо Ковилоски, како и лауреатката Цветанка Невчева. Пораката што сака да ја пренесе стихозбирката „Исихија“ од наградената авторка Цветанка Невчева до читателите гласи: „Слушни ја тишината во тебе, за да се осознаеш самиот себе. Тишината си ти!“

Нејзината книга е седумнаесетти носител на наградата „Бели мугри“ за книга од млад автор до 35-годишна возраст, што ја доделува Домот на културата „Кочо Рацин“ од Скопје.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 259, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 7-9.12.2024)