
Под истрага за корупција и злоупотреби монах од култниот будистички храм Шаолин
Познатиот храм Шаолин во Кина потврди дека неговиот игумен, Ши Јонгсин, е под истрага од неколку агенции по сериозни обвиненија, вклучувајќи проневера на средства, несоодветни врски со жени и татковство на вонбрачни деца.
Препорачано
Храмот, стар 1.500 години, кој се наоѓа во централната кинеска провинција Хенан, е еден од најпопуларните центри на будизмот и боречките вештини, привлекувајќи илјадници ученици од целиот свет секоја година.
Ши Јонгсин, познат како „извршен директор монах“ за трансформирање на храмот во глобален бренд што вклучува меѓународни училишта и кунг-фу трупи, е монах од 1999 година. Но, Будистичката асоцијација на Кина во понеделник објави дека му е одземен сертификатот за ракополагање, велејќи дека неговите „дејствија сериозно го оштетиле имиџот на будистичката заедница“.
Обвиненијата против него не се нови. Во 2015 година, Ши беше под истрага по слични обвиненија, вклучувајќи интимни врски со жени и проневера на имотот на храмот, но во тоа време не беа поднесени формални обвиненија. Кинеските медиуми објавија дека тој добил раскошни подароци од компании и локални власти, вклучувајќи луксузен автомобил и наметка извезена со златен конец.
Неговиот профил на социјалната мрежа Веибо, со над 880.000 следбеници, не е ажуриран од 24 јули, што дополнително ги зголемува сомнежите во јавноста.
Во минатото, храмот беше критикуван за раскошни проекти, вклучувајќи го и туристичкиот комплекс вреден 300 милиони долари, кој вклучуваше хотел, училиште за кунг фу и терен за голф – јасно отстапување од едноставноста што ја проповеда будизмот.
Иако во кинеската култура се толерира некои монаси да не ги следат строго традиционалните правила – особено оние кои се вклучени во кунг фу – корупцијата и проневераа остануваат сериозни прекршоци што можат сериозно да го оштетат нивниот углед.
Доколку се докажат обвинувањата против Ши Јонгсин, ова би можело да биде голем удар не само за неговата фигура, туку и за самиот имиџ на храмот Шаолин во очите на кинеската и меѓународната јавност.