градежни активности за отворање на Граничниот премин „Маркова нога“ / Фото: Влада на РСМ

Почнуваат градежните активности за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“

По повеќе од 50 години денеска почнаа градежните активности за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“ на македонско-грчката граница.

Проектот опфаќа изградба на административна зграда на Царинската управа со површина од околу 360 метри квадратни, како и изградба на канцеларија за осигурителна компанија, резервоар за вода, армирано-бетонски пропусти, водоснабдување и канализација, потпорни ѕидови, три новопланирани улични делници и јавни тоалети.

Изградбата на овој граничен премин е во рамки на проектот „ЕУ за Преспа“.

-Овој граничен премин, е само уште еден чекор кон поврзување на двете Преспи, од едната и од другата страна на границата. Мислам дека ваквите примери се позитивни и за двете држави. Во таа насока, треба и понатаму да се градат односите, да се поврзуваме, затоа што само на тој начин можеме да бидеме во оптиката на поголемите држави – порчаа премиерот Христијан Мицкоски, кој заедно со евроамбасадорот Михалес Рокас и постојаниот претставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григорјан присуствуваа на поставување на камен-темелникот.

градежни активности за отворање на Граничниот премин „Маркова нога“ / Фото: Влада на РСМ

Со отворањето на овој граничен премин се очекува да се отвори простор за економска, туристичка соработка и културна размена меѓу двете држави. Повторното отворање на граничниот премин беше најавено со потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година.

Синоќа за време на посетата на Општина Ресен, амбасадорот на ЕУ во земјава, Михаил Рокас изјави дека камен темелникот на граничниот премин „Маркова нога“ означува нова ера и претставува потврда дека преспанскиот регион освен за земјава, е значаен и за Европа.

Граничниот премин Маркова нога – Лемос е затворен повеќе од 50 години, а преку него порано се поминувало само со лична карта.

Според легендата на локалното население, граничниот премин „Маркова нога“ е именуван според месноста „Маркова нога“ каде се наоѓа камен, чудо на природата, за кој се верува дека ја чува трагата од стапалото на Крале Марко. Каменот со трагата од Марковата нога е изложен во истоимената караула до граничниот премин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот