
Почна вакцинација на лисиците против беснило, АХВ предупредува за внимателно движење во природата
Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), од 15 септември почна кампања за орална вакцинација на лисиците и дивите карнивози против болеста беснило. Кампањата се спроведува со авионско фрлање на вакцинални мамки од спортскиот аеродром во Штип и се реализира со финансиска поддршка од Европска здравствена и дигитална извршна агенција (HADEA). Вредноста на поддршката од Агенцијата за период од три години за пролетната и есенската орална вакцинација изнесува околу 2,5 милиони евра.
Препорачано
„Мамките се фрлаат на целата територија на државата, со исклучок на населените места, водените површини и планинските врвови над 2.000 метри надморска височина. Во оваа кампања фрлени ќе бидат околу 450 илјади вакцинални мамки. Кампањата е предвидено да заврши на крајот на септември годинава, а со истата ќе се одбележи Светскиот ден за борба против беснило – 28 Септември“ велат од АХВ.
Од Агенцијата апелираат до граѓаните во наредниве денови исклучително внимателно да се движат во природа, да внимаваат во комуникацијата со животните, особено со лисиците кои се приближуваат до населените места и кои не покажуваат страв од луѓето и во никој случај да не ги допираат вакциналните мамки, кои се со кафена боја и личат на чоколадни коцки.
„Направени се од смеса со рибино брашно и имаат мирис на риба кој ги привлекува лисиците. Во мамките има пластична капсула со течна вакцина која содржи атенуиран вирус на беснило и биолошки маркер – тетрациклин за утврдување на успешноста на вакцинацијата. Истите се соодветно обележани, со инструкции за начинот на постапување при допир“ појаснуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.