
Почина руски поет и критичар на Путин откако пред неколку дена бил удрен од автомобил
Рускиот поет Лев Рубинштајн, водечка фигура на советската андерграунд книжевна сцена, почина неколку дена откако беше удрен од автомобил, соопшти неговата ќерка. Рубинштајн се смета за еден од основачите на рускиот концептуализам, авангардно книжевно движење кое ја исмеваше официјалната доктрина на социјалистичкиот реализам во 1970-тите и 1980-тите.
Препорачано
„Мојот татко, Лев Рубинштајн, почина денеска“, напиша неговата ќерка Марија на нејзиниот блог.
Поетот создал свој жанр, помеѓу поезијата и театарот, пишувајќи кратки реченици на перфорирани картички.
По распадот на СССР, Рубинштајн станал познат и неговите дела биле објавувани насекаде. Тој бил отворено непријателски настроен кон рускиот претседател Владимир Путин и редовно протестирал против засилувањето на репресијата и кршењето на човековите права од страна на Кремљ, пренесува Гардијан.
Кога Русија го започна својот сеопфатен напад над Украина, Рубинштајн потпишал отворено писмо со други истакнати писатели во кое ја осудува „криминалната војна“ и „лагите“ од Кремљ. Рубинштајн не бил уапсен или гонет за време на конфликтот во Украина, соопшти организацијата за човекови права Меморијал.
„Неговата трагична смрт во јануари 2024 година, во пресрет на втората годишнина од катастрофата, изгледа горко симболична“, додаваат тие.
76-годишниот поет бил удрен од автомобил во Москва на 8 јануари, по што во критична состојба бил пренесен во болница.
Одделот за сообраќај на Москва објави дека „возачот не успорил“ додека Рубинштајн ја преминувал улицата. Според првичните информации, осомничениот возач за 12 месеци сторил 19 сообраќајни прекршоци, соопштија од Секторот. Властите покренаа истрага за несреќата.