
Почина познатиот композитор и продуцент Тоше Поп Симонов, еден од творците на македонската поп сцена
Денеска, на 63-годишна возраст почина познатиот музичар, композитор и продуцент Тоше Поп Симонов. Веста за неговата смрт на социјалните мрежи ја сподели неговиот пријател и долгогодишен сорабоник, музичарот и продуцент Валентино Скендеровски.
Препорачано
Тоше Поп Симонов беше еден творците на македонската поп и етно сцена, а во својата кариера соработувал со повеќе македоски и балкански ѕвезди, како Тоше Проески, Дарио, Верица Пандиловска, Ена Веко, „Фрајле“ и Алка Вуица.
Тоше со музика започнал да се занимава во раните 1980-ти, како член на групата „Пост Скриптум“, која подоцна преминува во култниот бенд „Бастион“. Во „Бастион“ Поп Симонов свирел гитара заедно со Кирил Џајковски. Во 1991 година, ги продуцирал и ги потпишал повеќето песни на албумот „Бубачки и градски ѕверки“ на Ена Веко. Соработувал со Јаков Дренковски на албумот „C’est la vie“ (1991), каде што свирел гитара и бил тонски инженер. Покрај компонирање, аранжирање и продуцирање тој е познат и по својата работа како тонски инженер.
Тоше соработуваше и со дамите од групата „Фрајле“, за кои во 2019 година ја напиша песната „Не ѝ признавај“, со која настапија на познатиот музички фестивал „Макфест“ и заслужено се закитија со награда. Истата година Тоше Поп Симонов, по подолга пауза се врати на фестивалите како автор, а некогаш беше и уметнички директор на „Макфест“.
Една од значајните соработки на Поп-Симонов е со хрватската пејачка Алка Вуица. Во 2024 година, тој го аранжирал, миксирал и мастеризирал нејзиниот сингл „Не мислам веќе на тебе“.