Фото: Принтскрин/Фејсбук

Почина Маринко Колнаго, основачот на „Нови фосили“

По кратко и тешко боледување, на 83-годишна возраст почина Маринко Колнаго, басист и еден од основачите на легендарната група „Нови фосили“.

Веста е објавена на Фејсбук страницата на бендот.

– Драги наши, со голема тага соопштуваме дека нè напушти нашиот добар дух на Фосили, нашиот драг Маринко. Ќе ни недостасува бескрајно. Маринко, засекогаш си во нашите срца – се наведува во објавата.

Колнаго беше единствениот член кој во овој култен поп бенд свиреше од самиот почеток, уште од далечната 1969 година. Неговиот животен и музички пат беше нераскинливо поврзан со подемите, падовите, љубовите и загубите на бендот што ја одбележа музичката сцена на поранешна Југославија и Хрватска, а чии песни живеат и денес.

Маринко Колнаго е роден е во 1942 година во Загреб. Тој пораснал во креативно семејство: неговата мајка Зора, Русинка од Санкт Петербург, била балерина и кореограф, додека неговиот татко Феранте Колнаго, Италијанец од Сплит, бил успешен фудбалер на Хајдук и репрезентативец на Југославија. По војната живееле во Задар, а Маринко во сеќавањата често ги спомнувал тешките повоени денови и гладот.

Откако неговите родители се развеле, тој со мајка му се преселил во Вараждин, каде од синот на станодавецот, месар, научил да свири на гитара.

Својот прв бенд го формирал на 15-годишна возраст. Својот музички талент му го препишувал и на својот дедо Александар Герасимов, виолинист, снимател и режисер.

Во 1969 година, заедно со тапанарот Слободан Момчиловиќ Мока, ги основал „Нове фосили“. Идејата се родила во загрепската слаткарница „Јуферика“.

– Ние двајца имавме 27, 28 години, нашиот саксофонист 38 и се шегувавме дека сме премногу стари за да основаме бенд. Од другата страна на кафеаната нè прислушкуваше Арсен Дедиќ, кој ни дофрли: „Тогаш наречете се ‘Нови фосили’“. Така што, Арсен всушност, ни го даде името – раскажал Колнаго во интервјуто за „Глорија“.

Првата машка постава на бендот во 1976 година ја освежила пејачката Ѓурѓица Миличевиќ (подоцна Барловиќ), а набрзо им се придружиле и клавијатуристот и композитор Рајко Дујмиќ, како и гитаристот Владимир Кочиш Зец.

Со песните „Диридонда“ (1977) од Зденко Руњиќ и „Сањај ме“ од Рајко Дујмиќ, започна метеорскиот подем. Албумите се продаваа во дијамантски тиражи, а „Нови фосили“ станаа еден од најпопуларните бендови во регионот – често споредувани со легендарната шведска група АББА.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот