
Почина филмската дива Клаудија Кардинале
Клаудија Кардинале, една од најголемите ѕвезди на италијанскиот и светскиот филм во 60-тите години на минатиот век, почина во Франција на 87-годишна возраст, јави Би-би-си.
Препорачано
Тажната вест ја потврди нејзиниот агент, Лоран Саври, а причината за смртта не е објавена. Кардинале во последните години живееше во Немур кај Париз.
Водечката дама на италијанското кино беше муза на славните режисери Лучино Висконти, Серџо Леоне и Федерико Фелини, но глумеше и во голем број холивудски хитови, меѓу кои и класичниот серијал комедии на Блејк Едвардс, „Пинк пантер“. Во богатата кариера која траеше шест децении, Клаудија Кардинале се појави во повеќе од 150 филмови.
Таа беше женски идеал на Марчело Мастројани во „8½“ на Фелини, сопственичка на бордел која банкротира градејќи оперска куќа во Амазонија во „Фицкаралдо“ на Вернер Херцог и вдовицата со пиштол во „Беше еднаш на Дивиот Запад“ на Серџо Леоне.

Заедно со Софија Лорен и Џина Лолобриџида, Кардинале беше дел од славната тројка на актерки од Италија кои без светски секс-симболи во 60-те и 70-те години.
Кога ја доби наградата за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал во 2002 година, филмската ѕвезда рече дека глумата ѝ подарила одлична кариера.
„Живеев повеќе од 150 животи – проститутка, светица, романтичарка, секаков вид жена – и прекрасно е да имам оваа можност да се променам себеси. Работев со најважните режисери. Тие ми дадоа сè“ – рече тогаш Клаудија Кардинале.
Во 2018 година, таа ја доби и наградата „Специјална златна камера 300“ на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, за особен придонес во светската филмска уметност.