Потпишување на Охридскиот рамковен договор / Фото: Архива на „Слободен печат“

„Победник со победник“ би значело преуредување на државата

Ако се озакони дека „победник со победник“ прави влада, тоа би значело бинационална држава, што подразбира и дводомен парламент. Во Рамковниот никаде не е наведено дека влада прават победниците во македонскиот и во албанскиот политички блок. Тоа е дел од „мајскиот договор“ кој никогаш не е преточен во закон, велат експерти

Платформа за легитимитетот која што лидерот на ДУИ Али Ахмети ја побарал од американскиот професор Пол Вилијамс е во спротивност со духот на Рамковниот договор чија суштина е унитарна држава и мултиетничко општество. Затоа што ако се озакони дека „победник со победник“ прави влада, тоа значи бинационална држава што подразбира и дводомен парламент. Во Рамковниот договор никаде не е наведено дека влада прават победниците во македонскиот и во албанскиот политички блок. Тоа е дел од „мајскиот договор“ кој никогаш не е преточен во закон.

Ова сублимирано се ставовите на дел од директно вклучените во преговорите за Рамковниот договор, како и на советници и истражувачи на документот од Охрид. „Слободен печат“ успеа да разговара со дел од нив, но од оправдани причини тие сакаа да останат анонимни.

Впечатливо е и дека на американскиот професор по право Пол Вилијамс, кого ДУИ го апострофира како автор на нацртот на Рамковниот договор, некои од нашите соговореници или не се сеќаваат или го паметат како консултант на албанската страна во преговорите, поточно советник ангажиран од починатиот лидер на ДПА, Арбен Џафери, еден од потписниците на Рамковниот.

Која била вистинската улога на Пол Вилијамс

Вилијамс се споменува во книгата „Преговорите за постигнување на Охридскиот договор“ на професорот Ветон Љатифи. Љатифи во книгата, за американскиот експерт ангажиран од албанската страна, вели дека бил ангажиран во согласност со Џејмс Пердју, кој го советувал Џафери. Според книгата на Љатифи, тогашниот американски дипломат и претставник на ОБСЕ во Скопје, Роберт Фровик, ги поставил рамките на агендата за Охридски договор, додека Пердју се потрудил тие рамки да бидат постигнати за време на преговорите и истите да се профилираат. Фровик ги поставил првите елементи како треба да се реши кризата и сè што било направено во врска со Охридскиот договор.

– Контурите на Рамковниот се на Фровик, кој потоа беше прогласен за „персона нон грата“ во Македонија, а не на Вилијамс. Ако Вилијамс подготви платформа за легитимитетот ниту еден академик, професор, стручњак нема да го прифати тоа, бидејќи е во спротивност на духот на Рамковниот. Таа платформа би значела нов рамковен. „Победник со победник“ во влада го нема во документот на Рамковниот и правно е неиздржано. За да го има, потребна е промена на Уставот. Албанската страна во преговорите се залагаше за унапредување на правата, додека македонската страна за зачувување на суверенитетот на државата. Затоа е избегната формулацијата победник со победник, бидејќи води кон бинационална држава – вели за „Слободен печат“ нашиот соговорник.

Според книгата на Љатифи, пак, „документот кој е најблизок, речиси сличен со текстот на Охридскиот рамковен договор и кој му претходи на Охридскиот, е документот познат како „Предлог за договор”, изготвен на 3 јули 2001 година. Тој е дизајниран од меѓународните експерти, предводени од американскиот стручњак, ангажиран од страна на ДПА, професорот Пол Вилијамс, како еден облик на преговарачки модел за да му даде крај на конфликтот и да го промовира мировниот хармоничен развој на цивилното општество, почитувајќи го етничкиот идентитет и интересите на сите граѓани на Македонија“.

Според тоа, Вилијамс не е автор на нацртот на Рамковниот, туку на платформата со која биле детализирани сите барања на Албанците, изнесени во преговорите, почнувајќи од политичките барања, па до амнестијата за припадниците на ОНА.

Друг соговорник кој го консултираше „Слободен печат“ а кој директно бил инволвиран во преговорите за Рамковниот, не ни чул за Вилијамс.

– Тој не беше вклучен на ниту едно ниво во Рамковниот. Таму од амерканска страна беа Џејмс Пердју, со една Американка, и францускиот министер за одбрана и тројца експерти – Германец, Французин и Италијанец. Од Рамковниот договор нема формално предвидена обврска и не може да има за влада на победниците од двете страни. Може да има различни комбинации предложени од изборите. Точно е, меѓутоа, дека политички легитимно би било мнозинската партија кај Албанците да биде во комбинација за влада, бидејќи тие чувствуваат дека некој друг им определува кој ќе биде од нивна страна дел од владата независно од изборниот резултат. Тука има политичка логика, но нема правна обврска која произлегува од Охридскиот договор – вели соговорникот.

Што сака ДУИ со иницијативата

Како што објави „Слободен печат“, Ахмети од собирот на ДУИ во Гостивар порача дека го ангажирал авторот на Рамковниот договор, Пол Вилијамс, да подготви платформа за легитимитетот. Според Ахмети, ВМРО-ДПМНЕ или не го прочитала или Рамковниот договор го чита по свое, затоа авторот на договорот треба да подготви платформа за легитимитетот.

ДУИ чека наредба од Ахмети за протести пред Собрание и пред Влада

Потврда за ангажманот на Вилијамс од страна на Ахмети стаса и од Арбер Адеми.

– Претседателот Ахмети најави серија активности за да се почитува Охридскиот договор и етничкиот легитимитет што извира од духот на Охридскиот договор, следствено на тоа, има ангажирано меѓународна експертска екипа, предводена од Пол Вилијамс, авторот на текстот на Охридскиот договор во 2001 година. Екипата работи на неколку предлог-идеи за да се оневозможи непочитување на волјата на гласачите во иднина и нарушување на духот на Охридскиот договор, истакнувајќи дека суштината на Охридскиот договор е да се спречи доминацијата на мнозинството (мајоризација) над втората по големина етничка заедница промовирајќи вистинска мултиетничка и консензуална демократија – напиша Адеми на Фејсбук.

Од ставовите на учесниците во Рамковниот договор и на претставниците на ДУИ, јасно е дека Ахмети и ДУИ му припишуваат на Рамковниот елементи кои тој договор не ги содржи. Оттука се отвора дилемата – дали целта на Ахмети не е „правилно читање на духот на Рамковниот“, туку нов договор за ново уредување на државата?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот