
По забраната на талибанците, Авганистан ја загуби титулата најголем производител на опиум
Авганистан го загуби приматот откако талибанските власти го забранија одгледувањето афион. Оваа година Мјанмар стана најголемиот производител на опиум во светот, се вели во извештајот објавен од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНДОК).
Препорачано
Така Мјанмар го престигна Авганистан, кој беше главен производител на опиум неколку години, но неговото производство драстично опадна кога Талибанците повторно ја презедоа власта, објави СТА. Производството на опиум во Мјанмар се зголеми од 790 тони минатата година на околу 1.080 тони оваа година. Во Авганистан, каде талибанските власти го забранија одгледувањето на афион, од кој се добива опиум, во април минатата година производството на опиум се намали за 95 отсто на приближно 330 тони, според француската новинска агенција АФП. Граничната област меѓу Мјанмар, Лаос и Тајланд долго време е центар за нелегално производство и трговија со недозволени дроги, особено метамфетамин и опиум. Вкупната проценета вредност на „опиумската економија“ на Мјанмар оваа година беше помеѓу 1 и 2,4 милијарди долари, што е помеѓу 1,7 и 4,1 отсто од БДП на Мјанмар во 2022 година.
Во Авганистан, кој неколку години беше најголемиот светски производител на опиум, производството се намали откако талибанските власти го забранија одгледувањето афион. Посевите со афион сочинуваа речиси една третина од вкупното земјоделско производство во земјата минатата година, но површината за одгледување афион се намали од 233.000 хектари на крајот на 2022 година на 10.800 хектари во 2023 година.