
По убиството на Кирк, САД се соочуваат со невидена политичка криза, оцени Обама
По минатонеделното убиство на конзервативниот активист Чарли Кирк поранешниот американски претседател Барак Обама излезе во јавноста со остро предупредување за, како што наведе, „политичка криза каква што никогаш порано не сме виделе“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Зборувајќи вчера во Пенсилванија, Обама истакна дека, иако не го познавал Кирк и не се согласувал со многу од неговите ставови, неговото убиство го смета за „ужасно и трагично“, пишува Би-би-си.
Кирк (31) почина пред една недела откако атентатор го погоди во вратот додека држеше говор на Универзитетот Јута Вели во Орем.
Вчера, 22-годишниот Тајлер Робинсон беше формално обвинет за убиството на Кирк, а се соочува и со обвиненија за кривични дела поврзани со поседување и употреба на неовластено оружје. Обвинителите објавија дека ќе бараат смртна казна.
Окружниот обвинител на Јута, Џефри Греј, откри дека Робинсон наводно испратил СМС-пораки во кои признава дека пукал во Кирк затоа што „му било досадено од неговата омраза“.
Пред апсењето на Робинсон, клучните сојузници на Доналд Трамп ги обвинија левичарските активисти и реториката на демократските политичари и нивните поддржувачи за убиството. Државната обвинителка Пам Бонди најави сузбивање на „говорот на омраза“, иако во САД не постои конкретен закон за ова.
Потпретседателот Џ.Д. Венс ги предводеше повиците за разоткривање на оние кои го славеа или го оправдуваа убиството на Кирк.
„Прозивајте ги, и по ѓаволите, повикајте ги нивните работодавци“, рече Венс синоќа во гостувањето во подкастот на Кирк.
Во својот говор во Ери, Пенсилванија, Обама нагласи дека во моменти на голема тензија, „дел од работата на претседателот е да ги зближува луѓето“. Тој ги повика Американците да „почитуваат правото на другите луѓе да кажуваат работи со кои длабоко не се согласуваме“.

фото; EPA
Тој ја пофали реакцијата на гувернерот на Јута, Спенсер Кокс, конзервативен републиканец, кој, според Обама, покажа „дека е можно да не се согласуваш, а сепак да се придржуваш до основниот кодекс на јавна дебата“. Тој, исто така, го поддржа одговорот на гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, демократ, чија резиденција беше нападната со молотови коктели претходно оваа година.
Поранешниот претседател ги спореди тие реакции со коментарите од Трамп и неговите сојузници. Тој потсети како не го искористил крвавиот напад од бел расист во црна црква во Јужна Каролина во 2015 година за да ги нападне политичките противници.
Трамп потврди дека осомничениот за убиството на интелектуалецот Чарли Кирк е во притвор
Тој, исто така, истакна дека по нападите од 11 септември 2001 година, претседателот Џорџ В. Буш „направил експлицитен напор да каже: „Ние не сме во војна против исламот“.
„И така, кога ги слушам не само нашиот сегашен претседател, туку и неговите помошници, кои имаат историја на нарекување на политичките противници „штетници“, непријатели кои треба да бидат „гаѓани“, тоа зборува за поширок проблем што го имаме токму сега“, рече Обама.
Во изјава за Би-Би-Си, портпаролот на Белата куќа ги отфрли обвинувањата и го нарече Обама „архитект на модерната политичка поделба“.
„Обама ја искористи секоја можност да посее поделба и да ги спротивстави Американците едни против други“, рече портпаролот. „Неговата поделба инспирираше генерации демократи да ги оцрнуваат своите противници како „негодници“ или „фашисти“ или „нацисти“.
Иако поранешните американски претседатели генерално избегнуваат да ги критикуваат своите наследници, Обама стана погласен во последните месеци, критикувајќи ги потезите на Трамп против универзитетите и судиите, како и лидерите на неговата Демократска партија за, како што верува, недоволно силниот отпор кон политиките на Белата куќа.