
По три децении целосно ќе се реконстурира единствениот хотел на Пелистер
После триесет години темелно се реновира хотелот „Молика“ на Пелистер со кој стопанисува новоформираното Друштво за туризам, угостителство, рекреација и спорт „ЕСМ Молика“ ДООЕЛ Битола.
Препорачано
Реконструкцијата на хотелот се изведува во еден дел со сопствени средства, а другиот дел со средства од АД ЕСМ, информираше на денешната прес-конференција директорот на ЕСМ „Молика“, Миле Вељановски.
-Со поддршка на АД ЕСМ и Управниот одбор се реализира оваа значајна инвестиција за обнова на хотелот „Молика“. Веќе неколку недели се реновираат собите, со нова дрвенарија и комплетно се реновираат бањите. Се поставуваат нови водоводни цевки, нов одвод и стариот под се менува со нов. Набавени се нови душеци, нови телевизори и нови мини барови-информираше директорот на „ЕСМ Молика“, Миле Вељановски.

Деновиве, интензивно се изведуваат активностите за реконструкција на таканаречената летна тераса. Се поставува таванска изолација и ќе се гради камин за гостите во текот на зимските месеци да имаат уште попријатен амбиент во хотелот.
-И лоби барот ќе има нови гарнитури за поголем комфор на гостите и паралелно како што се работи во внатрешноста на хотелот, се вршат зафати во надворешниот дел. Во тек е постапка за изградба на систем за осветлување на ски патеката на Копанки, изборот на изведувач е во завршна фаза. А најголем предизвик за менаџментот е да внесеме нова атрактивна содржина за гостите, спа-центар за чијашто изградба веќе е подготвен проект. Сите овие проекти во многу наврати беа споменувани во минатото, но, сега веќе стануваат реалност-информираше Вељановски.
Тој додаде дека во март, следната година 30 годишниот јубилеј хотелот „Молика“ ќе го прослави во реновиран хотел, како што му доликува на омиленото место за одмор и релаксација на многу гости од Македонија и странство.
Сите реконструктивни зафати треба да завршат до 30 декември, а од следната година ќе се подобруваат условите и во делот на зимските спортови.
Инаку, ЕСМ Молика има 97 вработени, а друштвото освен со хотелот „Молика“, стопанисува со автокампот Ливадиште, апартмани Свети Стефан во Охрид, одморалиште Маврови Анови и Вила Тиквеш во Стар Дојран и работничките мензи во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“.