фото: БЈБ

По текстот на „Слободен печат“ СДСМ со прес-конференција – Дали Јанев е незаконски назначен на чело на БЈБ?

Дали Владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело на БЈБ избрала човек кој не ги исполнува законските услови? Дали станува збор за фалсификување документи заради партиски интереси? Зошто МВР молчи за овие јавно објавени сомнежи? Овие прашања ги постави опозициската СДСМ една недела откако „Слободен печат“ објави дека до Државната комисија за спречување на корупцијата стигнале две нови пријави меѓу кои едната е за сомнеж за незаконско издавање диплома за магистер на Александар Јанев.

– СДСМ бара одговори на овие прашања и итна истрага од Јавното обвинителство. Додека јавноста сè уште чека разрешница со директорот на АНБ за неговиот сертификат, сега се отвора втор скандал во највисоките безбедносни институции и позиции во државата, Агенцијата за национална безбедност и Бирото за јавна безбедност. Безбедноста на граѓаните е ставена во канџите на партиски луѓе за кои прашање е дали воопшто ги исполнуваат законските критериуми. Ова е сериозна безбедносна закана. СДСМ ќе продолжи гласно да го разобличува секој скандал, секој фалсификат и секој обид за окупирање на институциите по незаконски пат – изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Според пријавата која ја објави „Слободен печат“ сомнежите произлегуваат од тоа што во објавената биографија на Јанев нема датум кога стекнал звање магистер, односно кога ги исполнил условите од најмалку 300 кредити според ЕКТС-системот на Универзитетот Скопје, каде што магистрираше и Христовски, но и други владини функционери.

– Александар Јанев на непознат ден и месец во 2024 година се стекнал со звање магистер по менаџмент на човечки ресурси на Факултетот за менаџмент со човечки ресурси, Скопје, VII/2 – 300 на Универзитетот Скопје, видливо од неговата јавна биографија, објавена на веб-страницата на МВР. Со одлука на Владата, на 28.6.2024 Јанев е именуван за директор на БЈБ, за што се потребни законски услови од најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен најмалку VII/2 степен образование во научните подрачја: општествени науки од областа на безбедноста, одбраната, правните и економските науки.

На електронската платформа на Универзитет Скопје не се пронајдени резултати за распоред на одбрана на магистерскиот труд, не е пронајден оглас за датум и време на јавна одбрана, не се пронајдени членови на комисија и наслов на магистерскиот труд и не се пронајдени фотографии од јавната одбрана на магистерскиот труд на кандидатот Јанев, што е доволна основа за сомневање дека не е почитувана процедурата за пријавување и одбрана на трудот – пишува во пријавата.

Исто така, се спори и делот дали магистерскиот труд бил внесен во системот за анализа и пронаоѓање на плагијати во трудови во Министерството за образование.

– Законот за научноистражувачка дејност пропишува најмалку 30 дена пред одбраната на магистерскиот труд, менторот задолжително да го внесе во системот за анализа и пронаоѓање плагијати во трудови во Министерството за образование и наука заради проверка за плагијаторство, а откако ќе го добие извештајот од проверките, да се закаже датум за одбрана.

Според извршените онлајн проверки, софтверот за плагијати во периодот од почетокот на јануари 2024 до 28.6.2024 до датата на именувањето на Јанев, функционирал отежнато, односно до 24.6.2024 година менторот немал добиено извештај од проверките, што е дополнителен основ за сомневање дека има незаконитост во постапката, знаејќи го законскиот услов од најмалку 30 дена пред одбраната со магистерскиот труд што се коси со датумот на именување на јавна функција – пишува во пријавата.

За предметот на Јанев „Слободен печат“ испрати прашања до Министерството за внатрешни работи пред една недела, за што одговор стигна денеска. Оттаму најавуваа дека јавноста за оваа пријава ќе биде известена по завршувањето на постапката во ДКСК.

– Во врска со вашите прашања ве известуваме дека постапува Државната комисија за спречување корупција и МВР ја почитува независноста на постапката. По завршување на постапката во ДКСК јавноста соодветно ќе биде известена. МВР ги почитува и соодветно постапува согласно одлуките на Државната комисија за спречување корупција – се вели во одговорот од Министерството за внатрешни работи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот