
По смртта на 41 годишната пациентка во Штип: Отворени нови телефонски линии за пациентите
Заврши вонредниот инспекциски надзор во штипската болница во инфективното одделение каде почина 41 годишна пациентка за која семејството тврди дека не успевала да добие лекарско внимание, односно дека не можела да добие никој од медицинскиот кадар да и донесе боца кислород во последните мигови од животот.
Препорачано
-По инспекцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение му е наредено на директорот доктор Ален Георгијев веднаш да ја свика комисијата за следење на квалитет која ќќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход. Директорот е задолжен во рок од три дена писмено да го извести ДСЗИ за наодот од извршената контрола на комисијата. Независно од работата на комисијата, во текот на денешниот ден, ДСЗИ ќе иницира стручен надзор до Министерството за здравство, вели за ,,Слободен печат” директорката на инспекторатот, доктор Ирина Сотирова Бухова.
Во разговор со директорот на штипската болница, ,,Слободен печат” дознава дека на инфективното одделение каде се хоспитализирани ковид пациентите, во една смена работат само четири медицински сестри и тројца доктори, за вкупно 55 пациенти кои се во болнички кревет. Бидејќи секоја болница мора да има систем со кој што на пациентите кои се хоспитализирани, ќе им се овозможи да повикаат лекар или сестра за било каква потреба, а системот со ,,црвено копче” во штипската болница не постои, директорот тврди дека овозможено е пациентите да го повикаат лекарот или сестрата преку телефон.
–Системот во моментов е со мобилни телефони. Имавме две линии, од вчера отворивме уште две, значи вкупно четири. Исто така, секоја вечер лекарите и сестрите по неколку пати во ноќта поминуваат во собите кај пациентите, а пациентите во секој момент може да ги побараат и да ги повикаат на мобилниот телефон, изјави Георгијев за ,,Слободен печат”.
Тој рече дека Комисијата за квалитет на болничкото лекување во болницата со која раководи моментално заседава и работи на испитување на случајот со починатата 41 годишна жена, но до завршувањето на таа постапка, не сака да коментира за наодите бидејќи уште не се готови. Не сакаше да искоментира ниту какви биле инспекциските наоди на санитарниот и здравствен инспекторат, бидејќи и тие не се завршени.
Комисијата за квалитет во штипската болница морало да се свика, затоа што семејството на пациентката која почина на инфективното одделение, посочува дека таа многу пати барала лекарска и сестринска грижа, помош, боца со кислород но не ја добила, што можеби било животозагрозувачко и довело до смртен исход.
Во наредните денови, според нашите сознанија, ќе се испитува колку сестри биле на смена, ќе се бараат листинзи од мобилните оператори на кои точно се гледа кога кој барал помош, дали било одговарано на тие повици и дали пациентите биле згрижени како што треба. Ќе се разгледаат сите документи во однос на лекувањето, од моментот кога пациентката влегла, до исписот и за жал смртниот исход. Ќе се испитува и дали болницата има востановен начин на кој што пациентите можат да повикаат медицинска помош ако им затреба. Јасно е само дека покрај креветите во штипската болница нема ,,црвено копче” за повикување помош.