
По скратена постапка донесени измените на Законот за инспекциски надзор – инспекторатите нема да имаат сопствена буџетска сметка
Со 66 гласови „за“ и осум „против“, Собранието денеска го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор по скратена постапка. Согласно измените, инспекторатите ќе продолжат да работат како органи во состав на министерствата и нема да имаат сопствена буџетска сметка. Не ќе можат самостојно да спроведуваат постапки за јавни набавки и вработувања, ниту да одлучуваат за правата и обврските од работен однос на вработените.
Препорачано
Во текот на кусата расправа, опозициските пратеници ги повторија ставовите што претходно, претпладнето, ги изнесоа на седницата на Законодавно-правната и Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците. Предупредија дека со измените се суспендира инспекцискиот надзор и се создава правна апсурдност и несигурност. Пратениците од власта, пак, им порачаа дека кажуваат небулози и дека ако сакале вистински да го подобрат текстот, требале да поднесат амандмани.
– Измените се задоцнети и беспредметни, а инспекторатите вршат надзор што може да биде оспорен зашто не постојат како правни субјекти. Им го укинавте својството на правно лице без да видите што понатаму со нив и тие веќе не постојат. Предлагате опремата, архивата и обврските од инспекторатите да се преземат од министерствата во чии рамки треба да работат, но како да се преземе некој што не посоти повеќе од 30 дена? Од дрга страна, како дел од инспекторатите се веќе преземени без дефиниран правен основ? За тоа некој треба да сноси одговорност – рече Јованка Тренчевска од СДСМ и повторно праша што е со инспекторатот за употреба на јазиците.
На тоа и реплицираше Бобан Карапејовски од ЗНАМ, кој истакна дека одговорен потег би било да поднесат амандмани.
– Но, откако е помината амандманската распава да кажувате што не чини е сосема неодговорно за гласачите, а тука сме да работиме за доброто на граѓаните. Не мислам дека е така како што велите, но ако е, ред ќе беше да поднесете амандмани – истакна Карапејовски.
Предлог-законот беше поднесен од пратениците Бојан Стојановски, Бојан Карапејовски, Зоранчо Јованчев, Јане Мицевски, Мевмед Џафери, Ријад Шакири и Халил Снопче.
Со Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа чиј главен фокус беше реорганизацијата на министерствата, се изврши интервенција на постојната законска рамка и соодветно утврдување на надлежностите на министерствата, така што се направи прераспределба на надлежностите на органите на државната управа, прегрупирање по сродни области и стратешки приоритети на државата, основање на нови органи на државна управа, кое пак неминовно доведе и до промена во бројот на министерствата и на делокругот на надлежностите на дел од постојните министерства во Владата на Република Северна Македонија. Со член 27 од овие законски измени се воспоставуваат линии на отчетност меѓу ресорните министерства и органите во нивен состав, при што се реафирмира и зајакнува улогата на министерствата во однос на надзорот над законите од нивна надлежност.