
По шест месеци од трагедијата – Државата не може да се крие зад газдите на дискотеката
Првото обвинение се оценува веќе четири месеци во скопскиот Кривичен суд, со образложение дека станува збор за предмет со многу обвинети. Со оглед на тоа дека власта не сака да се спомене „Кочани“, тројца судии досега се изземале од предметот, па почетокот на „историскиот“ судски процес може да биде по изборите.
Трагедијата во Кочани не е само трагедија на семејствата што изгубија блиски, ова е трагедија на целата држава. Државата не може да се крие зад сопствениците на дискотеката. Бараме крај на корупцијата и крај на затворањето очи пред човечките животи. Одговорност за сите што со своето молчење учествувале во злосторството.
Препорачано
Ова е пораката што по шест месеци од трагедијата ја пратија родителите, блиските и пријателите на загинатите во кочанската дискотека „Пулс“, каде на 16 март загинаа 62 млади луѓе, а повеќе од 200 се повредени и сè уште закрепнуваат од тешките изгореници.
Семејствата речиси секоја сабота ги повикуваат граѓаните на марш во Кочани и бараат одговорност и правда за загубата на своите најмили. Вината ја лоцираат кај газдите на дискотеката, но не престануваат да бараат одговорност и од институциите што премолчувале или не сакале да ги видат сите фалинки и неправилности во дискотеката каде што сите оделе на забави.
Не е доволно да се казнат неколку менаџери
– Ова е трагедија што можеше и мораше да се спречи. Оваа трагедија во Кочани не е само последица на една искра или едно невнимание. Таа е последица на системска слабост и неодговорност. Прво и основно, директната вина е кај сопствениците и организаторите што отворија врати без дозволи, без безбедносни системи, со еден единствен излез и со двојно повеќе луѓе од дозволеното. Знаеме кој ги отвори вратите на клубот. Знаеме кој земал пари и пуштил внатре двапати повеќе од дозволеното. Знаеме кој ставил пиротехника во затворен простор. Тие се директните виновници. Тоа е криминал со човечки животи. Но, не застанува тука. Каде беа институциите, каде беа инспекциите што мораа да го затворат клубот уште пред да се отвори? Каде беа службениците кои требаше да го проверуваат секој чекор? Тие молчеа. Тие не постапија. Институциите не се независни тела, тие се дел од државата. Под нив стојат општините, министерствата, владата. Ако тие не ја завршиле работата, тогаш државата има одговорност. Ако инспектор молчи, ако службеник потпишува на слепо, ако министер не презема мерки, тогаш вината не е само индивидуална, туку и државна. Државата има одговорност! Државата не може да се крие зад сопствениците. Затоа велиме: не е доволно да се казнат неколку менаџери – рекоа тие на маршот во Кочани.
Оттаму побараа одговорност за инспекторите што затворале очи, кои потпишувале записници дека објектот ги исполнува условите за работа, одговорност за оние што дозволиле клубот да работи без дозвола…
Додека тие маршираат и бараат правда, партиите се спремаат за избори и веќе се во кампања, иако официјално таа не е почната. Кочани останува темна дамка за актуелната власт, но никој не поднесе оставка по трагедијата и ниту еден функционер не застана рамо до рамо со семејствата на марш. Единствено премиерот Христијан Мицкоски дури неодамна отиде да запали свеќа на гробовите на загинатите.
Првото обвинение за трагедијата кое беше поднесено на 13 септември против 34 лица и три фирми, меѓу кои и газдата на дискотеката, поранешни градоначалници и поранешни министри и неколку актуелни, се оценува веќе четири месеци во скопскиот Кривичен суд, со образложение дека станува збор за обемен предмет со многу обвинети. Но, како што тргнало, со оглед на тоа дека власта не сака да спомене „Кочани“, тројца судии досега се изземале од предметот, па почетокот на „историскиот“ судски процес може да биде по изборите.
Нема временска рамка за постапката
Од Кривичниот суд за „Слободен печат“ не одговорија дали имаат некаква временска рамка кога би почнало судењето.
– Примените приговори се во фаза на анализа од советот за оцена, по што треба да биде донесена одлука за која странките и јавноста ќе бидат известени. Станува збор за обемен обвинителен акт со голем број докази и оштетени лица, како и 39 обвинети, правни и физички лица, и судот ги презема сите законски обврски за навремена оцена со доследно почитување на правата на странките – беше последниот одговор од Кривичниот суд за медиумите.
Иако републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски најавуваше обвинение за осомничените полицајци во септември, досега Обвинителството нема нови информации за постапката. Родителите од почетокот на трагедијата беа најгневни на полицајците, а не ги заборавија ниту на еден од последните маршеви во Кочани. На еден од нив порачаа дека вмешаните во трагедијата уште работат во нивните канцеларии во Министерството за внатрешни работи.
– Постојат низа документирани сомнежи што веќе беа изнесени во јавноста. Додека полициските службеници имале директни комуникации со сопственикот на „Пулс“ во критичната вечер, му одавале службени информации за полициски акции, вклучително и предупредување за присуство на малолетници и дрога. Наместо овие лица веднаш да бидат ставени во притвор за да не влијаат врз истрагата и сведоците, тие се третираат со канцелариски распити како привилегирани сведоци – рече еден од родителите на марш одржан во август.
Од Обвинителството само кратко велат дека активно се истражува работата на 27 полицајци.
– Предметот за кој покажувате интерес, како што претходно соопштивме, е отворен во јуни годинава. Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, активно постапува во предметот и ги презема сите неопходни дејства во рамките на своите надлежности. Кога ќе биде донесена јавнообвинителска одлука, јавноста навремено ќе биде информирана – велат од ОЈОГОКК за „Слободен печат“.
На 5 септември годинава, Обвинителството до Судот достави уште еден обвинителен акт за сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, кој не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери. Според дополнувањето на обвинителниот акт, обезбедувањето на дискотеката била вршено без писмен договор со клубот „Пулс“ и без контрола и надзор при исполнување на обврските на вработените што вршеле обезбедување на имот.
На обвинителна клупа за пожарот треба да седнат тројца градоначалници на Кочани, поранешни министри и инспектори, но она што се очекува е да се утврди командната одговорност во Министерството за внатрешни работи и под чија наредба постапувале полицајците кобната вечер.
Освен во Кочани, собир по повод шестмесечниот помен на загинатите во дискотеката одржа и иницијативата „Кој е следен“. Од оваа иницијатива велат дека пожарот во Кочани не беше несреќа, ниту трагедија, туку масакр – свирепо убиство предизвикано од нефункционалните институции и партискиот систем. Тие се незадоволни, бидејќи и по толку изминато време, судовите молчат, а власта им се заканува и ги уценува.