
По реакциите на граѓаните, од Аеродром тврдат дека улицата во Мичурин ќе се обнови
Откако „Слободен печат“ објави дека граѓани алармират дека улицата Симеон Кавракиров е небезбедна затоа што на неа нема никаква хоризонтална ниту вертикална сигнализација, од Општината велат дека работат на проект за целосна реконструкција на улицата.
Општина Аеродром планира да ја обнови улицата Симеон Кавракиров во населбата Мичурин. Така велат оттаму откако „Слободен печат“ објави дека граѓани од населбата алармират дека улицата е небезбедна, особено за пешаците затоа што на неа со години речиси да нема никаква хоризонтална ниту вертикална сигнализација.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Се работи на проект, кој ќе биде аплициран до Владата на одобрување и веднаш по добиено одобрување ќе се пристапи кон комплетна реконструкција на улицата Симеон Кавракиров, велат од Аеродром без да прецизираат кога очекуваат тоа да се случи.
Загрижени жители од Мичурин укажуваат дека на улицата Симеон Кавракиров има само два пешачки премини, едниот лоциран кај семафорите близу кафаната „Рулет“ и другиот во близина на основното училиште „Блаже Конески“. Поради нивната оддалеченост, како што тврдат, повеќето граѓани улицата ја минуваат непрописно, каде што ќе стигнат и со претрчување, со што се загрозува нивната безбедност.
Тие посочуваат дека на двете раскрсници на улицата во минатото имало пешачки премини, но тие не се обновени со децении, а нема ни вертикална сигнализација за пешачки премин и пропишана брзина на движење.
Друг проблем со кој се соочуваат жителите, кои велат дека оваа улица „плаче“ за реконструкција, е непрописното паркирање по тротоарите, поради што пешаците, сакале или не, мора да се движат по улица. Се жалат дека на улицата е слабо и уличното осветлување.
Решение на сите овие проблеми би била реконструкција на улицата за што од Општината тврдат дека веќе се работи проект.
На улицата Симеон Кавракиров во Мичурин фалат пешачки премини, секој претрчува кај ќе стигне