
По предупредувањето за цунами, Опра го отвори својот приватен пат на Хаваи за евакуација на населението
Опра Винфри го отвори својот приватен пат на Мауи, Хаваи, за да им помогне на жителите да се евакуираат откако беше издадено предупредување за цунами, потврди нејзиниот портпарол.
Препорачано
„Штом ги слушнавме предупредувањата за цунами, контактиравме со локалните органи за спроведување на законот и FEMA за да се осигураме дека патот ќе биде отворен. Локалната полиција моментално е на местото на настанот и им помага на жителите, дозволувајќи им на 50 автомобили истовремено да поминат за да се обезбеди безбедноста на сите. Патот ќе остане отворен сè додека е потребно“, изјавил портпаролот на Опра.
Во вторник, на 29 јули, првите бранови предизвикани од масивниот земјотрес со јачина од 8,8 степени достигнаа до Хаваи, при што бран од 1,2 метри бил регистриран покрај островот Оаху, пренесува „Би-би-си“.
Бран висок над 1,5 метри е пријавен и во Кахулуи, на северо-централниот брег на островот Мауи, објави „Си-ен-ен“, повикувајќи се на податоци од Националната океанска и атмосферска администрација. Бран од цунами висок 1,2 метри е регистриран и во Хило во округот Хаваи, забележа медиумот.
На многу луѓе на Хаваи, како и во области на западниот брег на САД и Јапонија, им беше кажано да се евакуираат откако земјотресот го погоди источниот руски полуостров Камчатка.
Силен земјотрес со интензитет од 8,8 степени според Рихтеровата скала го погоди полуостровот Камчатка на рускиот Далечен Исток, предизвикувајќи цунами високо до четири метри, оштетувајќи згради и активирајќи тревоги и евакуации низ Тихиот Океан. Предупредување за цунами е издадено и за државата Хаваи. Агенцијата за управување со вонредни состојби (ЕМА) на Хаваи претходно објави дека сите морски пристаништа се затворени.
Предупредувањето за цунами за Хаваи сега е намалено, соопшти Тихоокеанскиот центар за предупредување од цунами. Ова значи дека постои можност за силни бранови, мали поплави и силни струи, но не се очекува големо цунами. „Евакуираните можат да се вратат дома“, рече гувернерот на Хаваи, Џош Грин. На луѓето им се препорачува да возат полека и да бидат безбедни, а воедно да внимаваат на поплави во некои области.