Горан Минчев /Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

По објавата на „Слободен печат“: Поништен огласот во кој Општина Липково бараше да вработи само Албанци

Од Државниот инспекторат за труд експресно реагираа и за „Слободен печат“ информираат дека по вонредниот инспекциски надзор утврдиле дека огласот е објавен спротивно на законите, по што тој е поништен. ДИТ ја известил и Агенцијата за вработување за поништување на огласот, со што работодавачот ги отстранил неправилностите наведени во поднесената претставка.

Поништен е огласот за вработување на четири лица во Јавното комунално претпријатие „Пиша“ од Липково по објавата на „Слободен печат“ и личната претставка на министерот за јавна администрација Горан Минчев, зашто спротивно на одлуката на Уставниот суд во огласот беше наведена етничката припадност на лицата кои треба да конкурираат за работните позиции во Општината, односно дека за вработување се бараат Албанци.

Од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) експресно реагираа и за „Слободен печат“ информираат дека по вонредниот инспекциски надзор утврдиле дека огласот е објавен спротивно на законите, по што тој е поништен.

Весна Томовска – директорка на трудов инспекторат / Фото: ”Слободен печат” / Драган Митрески

– Постапувајќи по однос на поднесената писмена претставка од подносителот Горан Минчев од Скопје, а во врска со јавен оглас 03-204/3 од 24.12.2024 година, објавен во „Слободен печат“ на 28-29 декември 2024 година, за вработување четири извршители како даватели на услуги кај работодавачот ЈКП „Пиша“ с. Липково, Општина Липково, информираме дека на 8.1.2025 година Државниот инспекторат за труд изврши вонреден инспекциски надзор во претпријатието. Од доставената документација на увид од секретарот на Општина Липково, на записник бр.09- 10 се констатира дека наводите во доставената претставка се основани, односно огласот е објавен спротивно на Законот за вработените во јавниот сектор и Правилникот за задолжителни елементи на јавниот оглас за пополнување работно место во јавниот сектор преку вработување и пријавата за вработување, за што од страна на в.д. директорот на ЈКП „Пиша“ на 6.1.2025 година, а врз основа на член 23 став 5 од Законот за јавните претпријатија, донесена е одлука за поништување на јавниот оглас за вработување – велат од Државниот инспекторат за труд.

ДИТ ја известил и Агенцијата за вработување за поништување на огласот, со што работодавачот ги отстранил неправилностите наведени во поднесената претставка.

Во огласот на комуналното претпријатие се бараше вработување на четири лица како даватели на јавни услуги на неопределено време. Во Одделението за транспорт и изградба на патишта и објекти се бараше возач на автобус. Покрај општите услови што кандидатот требаше да ги исполни, со големи букви беше назначена напомена дека предвиденото вработување согласно годишниот план за вработување на институцијата за 2024 година е кандидатот да биде Албанец.
Во истиот оглас се бараше и возач на комунално возило, додека во Одделението за управување со отпад и јавна чистота се бараше одржувач-инкасант по села, како и утоварувач на отпад. За сите работни позиции коишто ги бараше Општината, во огласот има напомена дека треба да бидат Албанци.

Горан Минчев, министер за јавна администрација/Фото: МЈА

Минчев, во својство на физичко лице, по допрен глас веднаш доставил претставка до Трудовиот инспекторат, по што изјави дека станува збор за директно нарушување на принципите на еднаквост и недискриминација.

– Законот е јасен – вработувањата во јавниот сектор треба да се засноваат на квалификации, компетенции и транспарентност, а не на етничка или друга дискриминаторска основа. Ваквите случаи ја нарушуваат довербата во институциите. Ги охрабрувам граѓаните да се борат за почитување на своите права. Должни сме да изградиме праведен систем кој функционира подеднакво за сите. Политичката волја за почитување на законите мора да биде основен принцип на секоја јавна институција. Само така можеме да создадеме силна и правична држава – рече тогаш Минчев и додаде дека претставката до Државниот инспекторат за труд е поднесена со цел да се утврди дали во конкретниот случај постојат основи за прекршување на законите и побара инспекторатот да спроведе темелна истрага.

Од Општина Липково тогаш се правдаа дека Јавното комунално претпријатие „Пиша“ кое го објавило огласот за вработување, направило грешка, односно тамошните вработени не биле запознаени дека „балансерот“ е укинат. Од таму рекоа дека огласот за вработување ќе биде повлечен и дека постапката ќе се поништи и уверуваа дека немало никаква задна намера, ниту тенденција.

Општина Липково Фото: Куманоњуз

Уставниот суд во октомври лани го укина „балансерот“, односно алатката за вработување во државните институции според етничката припадност. Откако Уставниот суд го укина „балансерот“, државните институции веќе не смеат да објавуваат огласи во кои ќе се наведува припадност на заедница, а за вработување во државната администрација треба да важи принципот на стручност и компетентност.
По укинувањето на „балансерот“, Владата најави дека се подготвува закон за правична застапеност, на чија подготовка работи експертска работна група.

Во Липково уште се бараат само Албанци за вработување, Минчев поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот