
По 7.000 фирми месечно не даваат ни минимална плата?!
Извршувањето врз плата и пензија може да се спроведе до износот од една половина, а за побарувања по друга основа – до износот од една третина. Но оние што имаат плата до просечната, извршувањето може да биде само една петтина. Од каде тогаш плати и по неколку денари?
Иако минималната плата е загарантирана со закон, во државава сè уште има работници што не ја земаат. За дел од нив има разни судски задршки, некои не работат 8 часа дневно, но некои сосема неосновано се под загарантираниот минимум. Управата за јавни приходи го забележала трендот на плати под минималецот и до Државниот инспекторат за труд го испратила списокот.
Препорачано
– Од страна на УЈП, во текот на август се доставени податоци во електронска форма што беа предмет на анализа од овластени лица во Државниот инспекторат за труд. По обработка на доставените податоци, се констатира дека тие се однесуваат за март, април, мај и јуни 2025 година. Поединечно за секој месец имаме добиено податоци за правни субјекти што исплатиле плата под минимална за конкретниот месец. Во март 9.976 правни субјекти не исплатиле плата под минималната, во април – 7.729, во мај – 6.496, а во јуни имало 5.021 правен субјект што исплатиле плата под минималната – изјавија од Државниот инспекторат за труд за „Слободен печат“.
Математиката покажува дека во овие четири месеци, во просек по 7.000 фирми месечно не даваат ни минимална плата, но за колку работници тоа се однесува, таков податок не добивме.
Од Државните инспектори за труд велат дека при секој инспекциски надзор вршат контрола дали се почитува Законот за минимална плата и дека тековно се постапува и по претставки од работници.
– Откако ќе се обработат податоците доставени од УЈП, веднаш ќе се извршат вонредни инспекциски надзори кај посочените правни субјекти и ќе се преземат мерки во согласност со законот – велат од ДТИ.
Минималната плата сега изнесува 24.379 денари. Постапувањето на инспекторите оди од опомена до поведување прекршочна постапка.
– Пријавата се доделува на работа на инспектор и тој во најбрз можен рок го отпочнува инспекцискиот надзор кај правниот субјект. Доколку се констатираат неправилности и недостатоци, инспекторот ќе донесе решение со инспекциска мерка опомена и ќе даде рок тие да се отстранат. Доколку по истекот на рокот инспекторот утврди дека неправилностите и недостатоците сè уште не се отстранети, со решение ќе му нареди на сторителот на прекршокот на вработените да им исплати минимална плата и придонеси од плата во согласност со закон и ќе даде предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог на одговорното лице во правното лице. Ако работодавачот не го прифати прекршочниот платен налог, инспекторот за труд ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка до надлежен орган – објаснуваат од Трудовиот инспекторат.
Постојат и утврдени „правила на игра“ ако на некој работодавач давањето плата под минималната му стане практика.
– Ако работодавачот го повтори прекршокот во рок од една година од денот на неговото сторување, инспекторот на труд со решение ќе ја забрани работата на работодавачот во работните простории, или на друг соодветен начин во траење од 15 дена, ќе нареди на работодавачот на вработените да им исплати минимална плата и придонеси од плата во согласност со закон и ќе поднесе барање за поведување прекршочна постапка. За време на забраната за работа, работодавачот е должен на работниците да им исплати минимална плата и придонеси од минимална плата според закон. По истекот на забраната за работа, работодавачот не смее да го намали бројот на вработените во наредните три месеци – велат од Трудовиот инспекторат.
Сепак, има случаи кога ќе се констатира дека исплатата на износ под минималниот е поради спроведување други закони. Но, никако работодавачот не може да исплати плата од еден денар, а дури и тоа се случувало! Неодамна Блумберг објави, повикувајќи се на податоците на УЈП, дека во јули најниската плата била 1 денар, а највисоката близу 20 милиони денари.
– Работодавачот може на работникот да му изврши задршка на плата само врз основа на налог за извршување. Начинот на извршување врз плата и пензија, како и врз надоместок наместо плата односно ограничување на извршувањето е регулирано во согласност со чл. 117 од Законот за извршување („Службен весник на РМ“, бр. 72/16, 142/16, 233/18 и 14/20) каде што стои, цитираме: „Извршувањето врз плата и пензија, како и врз надоместок наместо плата, за побарување врз основа на законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давачот на издршката, може да се спроведе до износот од една половина, а за побарувања по друга основа – до износот од една третина на платата или пензијата. По исклучок, за граѓаните приматели на: плата до висина на просечна плата во моментот на изготвување на налогот за извршување, пензија до висина на просечната пензија, надоместок на трошоци за сместување лице и надоместок за згрижување на згрижувачко семејство, како и за децата корисници на семејна пензија, извршувањето се спроведува до една петтина на платата, пензијата, односно надоместокот“ – појаснија од Трудовиот инспекторат.
Голема фирма ќе се казни со само 1.000 евра за непочитување на „минималецот“
Доколку работодавачот не постапи по донесеното решение со инспекциска мерка опомена, инспекторот за труд ќе донесе решение со инспекциска мерка наредба и на одговорното лице во фирмата ќе му даде предлог за порамнување со издавање на прекршочен платен налог. Согласно чл. 7-а од Законот за минимална плата на РСМ, „глоба во износ од 300 до 400 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на микро и мал работодавач – правно лице, глоба во износ од 500 до 600 евра за среден работодавач – правно лице, глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност за голем работодавач-правно лице, ако на вработените не им исплати минимална плата и придонеси од плата согласно со овој закон.
Покрај фирмата, глоби ќе добијат и одговорните лица во фирмите и тоа 150 евра за микро и мала фирма, 300 евра ако работат во средна фирма и 400 евра кај голем работодавач. Глоба во износ од 250 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на работодавач – физичко лице.