
Платите во здравството растат, ама скромно
Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита денеска потпиша анекс на Колективниот договор за здравствена дејност со кој платите на здравствените работници растат. Коефициентот во анексот е корегиран.
Препорачано
Министерот за здравство Арбен Таравари информираше дека откако се корегирала минималната плата, пораснал и коефициентот, што во бруто износ е 3.636 денари.
Министерот појасни дека Колективниот договор ги содржи сите профили на здравствени работници со средно образование и тоа медицински сестри кои се најбројни, лаборанти, физиотерапевти и други здравствени работници со средно, за кои е предвидено покачување за 5.681 денари, во бруто износ.
Тој исто така информираше дека извршена е корекција на звањата согласно Законот за здравствената заштита, со која фармацевтите како здравствени работници со високо образование се изедначени со докторот на медицина и докторот на стоматологија.
-Имајќи ја предвид спецификата на работата на докторите во Итна медицинска помош, предвидовме и стимулирање на докторите на медицина кои работат во итна медицинска помош со повисоки коефициенти на сложеност од останатите доктори на медицина, рече министерот.
Исто така, со оглед на сложеноста и комплексноста на работата, истакна тој, предвидено е и зголемување на коефициентите на сложеност за здравствените соработници физичари кои работат на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
– Дополнително, сакам да истакнам дека овозможивме и зголемување на платата за работа во оддел на геронтолошка и палијативна здравствена заштита, како додаток за работа во услови покомплексни од редовните, како и зголемување на платата на вработените во интензивното лекување на Универзитетска клиника за детски болести, со што ја исправаме неправдата која им беше нанесена изминатиот период кога беа изоставени, нагласи Таравари.