
Планета Ипсилон? Астрономите најдоа нови траги од скриен свет во нашиот сончев систем
Потрагата по непозната планета во нашиот Сончев систем ги инспирира астрономите повеќе од еден век. Сега, една нова студија сугерира можен кандидат, кој авторите го нарекоа Планета Y (Ипсилон).
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Оваа планета не е откриена директно, туку се претпоставува врз основа на наклонот на орбитите на некои далечни објекти во Кајперовиот појас – голем прстен од ледени тела лоцирани зад орбитата на Нептун. Нешто, според истражувачите, очигледно ги нарушува овие орбити и ги навалува, пишува Си-ен-ен.
– Едно објаснување е присуството на невидлива планета, веројатно помала од Земјата, но поголема од Меркур, која орбитира во далечниот надворешен дел од Сончевиот систем – рече водечкиот автор Амир Сираџ, астрофизичар и докторски кандидат на Одделот за астрофизички науки на Универзитетот Принстон.
Сепак, тој истакна: „Оваа работа не претставува откривање на планета, но секако претставува откривање на загатка чие веројатно решение е планета.“
Сираџ и неговите коавтори ги објавија своите наоди во списанието „Месечни известувања на Кралското астрономско друштво“.
Планетата Y е најновата во серијата хипотетички планети во Сончевиот систем што научниците ги предложија во последниве години. Секоја од нив има малку различни карактеристики, но општо е прифатено дека се скриени во Кајперовиот појас – каде што се наоѓа и Плутон, поранешната деветта планета, која беше прекласифицирана како џуџеста планета во 2006 година.
Причината зошто има толку многу кандидати за „деветтата планета“ е тоа што Кајперовиот појас е темен и далечен регион на Сончевиот систем, па затоа набљудувањата се тешки и нецелосни.
Сепак, тоа наскоро би можело да се промени, бидејќи новиот телескоп на опсерваторијата Вера Ц. Рубин е на пат да започне десетгодишно набљудување на ноќното небо.
– Мислам дека во првите две до три години сè ќе стане јасно. Ако Планетата Y е во видното поле на телескопот, таа ќе може директно да ја детектира – рече Сираџ.