Обвинителката Лиле Стефанова и бизнисменот Орце Камчев / Колаж Фото: Слободен печат

„Плацеви на Водно“: Обвинителката побара да се конфискува имотот на Груевски

Барам сите обвинети да бидат прогласени за виновни и да им биде конфискуван имотот, рече вчера обвинителката Лиле Стефанова на почетокот на судскиот процес

На најбезобразен начин се користеле сите институции во државата, од Министерството за транспорт и врски до банки, истакна обвинителката Лиле Стефанова вчера на почетокот на процесот „Плацеви на Водно“. Таа побара обвинетите да бидат прогласени за виновни и да им биде конфискуван имотот.

Стефанова нагласи дека Груевски има имот што го стекнувал за време на мандатот, но го запишувал на други имиња. Во зградата во која живеел купил стан и го запишал на име на сведок, а во 2009 година го купил и четвртиот стан и го запишал на име на фирма. Истата година обезбедил плац од 2.700 м2 на кој планирал изградба на куќата во барокен стил. Според Стефанова, Груевски обезбедил и два плаца во Крушево. Овие плацеви биле на име на неговиот кум, Ристо Новачевски. Побарал помош од Сашо Мијалков, кој знаел дека Груевски нелегално стекнал 1,2 милиони евра. Се вклучува и Ненад Јосифовиќ, кој барал офшор-фирма што ќе се јави како купувач.

– За таа цел е регистрирана фирмата „Сирах инженеринг“ во Македонија, а за управител бил поставен Ристо Новачевски – истакна Стефанова.

Таа го појасни и начинот на движењето на парите на Груевски, како легнале на сметката на офшор-компанијата, потоа како Новачевски потпишал за земјиштето да биде купено, за измените на ДУП и ГУП…

– Груевски, за да ги покрие трагите, со Орце Камчев и Ратка Камчева се договараат да го префрлат плацот фиктивно на „Орка холдинг“. Но Камчев не го купува земјиштето, туку уделот во „Сирах” за 1.350.000 евра. Подоцна прават втор договор на 1,5 милиони евра. Сепак, ниту еден денар не се исплатени на наводниот сопственик „Сирах“. Ќе докажеме дека „Орка“ испраќа пари на „Сирах“, а оттаму парите одат на офшор-компанија во Панама, чии сопственици се Камчев и Јосифовиќ, и од каде што истиот ден се враќаат во „Орка“. Овој имот и денес е на Груевски, а другите обвинети до денес го прикриваат овој имот – обвини Стефанова.

Во овој процес обвинети се и Сашо Мијалков и Јордан Камчев, кои во Кривичниот суд беа донесени од притвор. На Груевски, кој е азилант во Унгарија, одреден му е адвокат по службена должност и ќе му се суди во отсуство. Обвинети се и мајката на Камчев, Ратка Камчева, кумот на Груевски, Ристо Новачевски и бизнисменот Ненад Јосифовиќ.

Почна судењето на случајот „Плацови на Водно“, првообвинет е екс-премиерот Груевски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот