
Писмо на нобеловката Наргес Мохамади што го кине срцето: Рацете ми се ладни и празни без моите деца во нив!
Наргес Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир за 2023 година, но нејзиниот пркос против иранскиот режим кој ги репресира жените и ги оневозможува човековите права, за неа значеа огромен личен и семеен влог. Наградата за Мохамади е поддршка за пркосот на угнетуваните жени во Исламската Република.
Препорачано
Наргес Мохамади е затворена од режимот во Иран поради нејзината борба за човековите права. Во 2015 година таа го напиша ова лично писмо од затвор за да искаже што значи за неа разделбата од нејзините две деца:
Моите близнаци се родија на 28 ноември 2006 година. Не ми беше дозволено да го држам син ми Али и ќерка ми Киана кога се родија, зашто здравствената состојба не ми беше добра. Само можев да ги видам низ вратата во болницата. Се чини дека нивната судбина е да се разделени од мене уште од раѓање. Кога ги држев в раце за првпат ги заборавив сите рани од царскиот рез, потешкотиите кои ги имав со дишењето, стравот од смртта и сета болка. Станав мајка. Кога Киана и Али имаа три ипол години, Киана беше болна и јас се вратив од болница со неа.
Баш тогаш службите дојдоа да ме уапсат. Али плачеше. Го ставив во скут и му пеев приспивна пеесна додека не заспа. Киана беше вознемирена. Ја држев. Ја бакнав. Ја прашав „Киана, зошто не спиеш злато?“. Таа одговори „Не ми се спие, сакам да бидам во твоите раце“.
Полицајците ми кажаа дека мора да одиме. Се обидов да ја оттргнам Киана од мене. Со сета сила се држеше за мојот врат и плачеше на цел глас. Полека се симнав по скалите. Ја слушнав како рече „Мајко Наргес, дојди и бакни ме“. Се вратив и ја бакнав. Ова се случи трипати. Го слушав плачот на детето кое ми е помило од животот. Да се разделам од неа ми го распара срцето. Ме затворија во самица во одделот 209 во затворот Евин во Техеран. Тоа беше соба за измачување на мајка разделена од своето болно дете.
Една ноќ спиев во ќелијата. Беше пред изгрејсонце. Мојата мила ќерка, ме бакна на образот. Го почувствував нејзиното топло тело и нејзините мали усни врз мојот образ. Тоа беше Киана. Ги раширив рацете да ја гушнам. Ги отворив очите. Не беше Киана. Плачев многу многу часови, додека веќе немав солзи.
Кога Киана и Али имаа четири години и два месеци, безбедносните сили ја скршија вратата и влегоа во мојата куќа. Киана седеше на мојот скут со нејзините мали раце околу мојот врат. Беше исплашена и ме држеше цврсто. Али беше многу вознемирен. Ги следеше полицајците и ги предупредуваше „не ми ги допирајте работите“. Го земаа маж ми Таги, по скалите надолу. Ја затворија вратата и погледот на Киана беше вперен во подот. Легна и продолжи да плаче.
Кога Киана и Али имаа 5 години и 5 месеци безбедносните сили дојдоа да ме однесат во Министерството за разузнавање. Али трчаше наоколу со неговиот жолт пиштол играчка и извикуваше дека сака да дојде со мене. Мојата драга Киана ме држеше за фустанот и рече ,,Мајко Наргес, не оди!“. Со тешкотија се разделив од децата и ја напуштив куќата додека плачеа и влегов во автомобилот со полицајците.
Кога Киана и Али имаа 8 години и 6 меесеци, на 5 мај 2015, тие отидоа на училиште во 7 часот утрото. Во 8 и 30 веќе безбедносните служби ме чекаа пред вратата. Рекоа дека мора да дојдам со нив и ме однесоа во затворот Евин.
Али и Киана го напуштија Иран на 17 јули 2015 година. За време на последната посета на Киана во затворот таа ми рече:
Мамо, додека не си тука, ќе одиме и ќе бидеме со тато, додека не ни се придружиш. Али ме праша дали ќе бидам тажна и беше фокусиран да ја види мојата реакција. Се обидов да изгледам среќна за да не се грижат за мене. Се давев во моите мисли. Моите драги Киана и Али наскоро ќе си одат и ќе бидат одделени од мене. Драг Боже, се радував на неделите и деновите за посета. Во неделите наутро трчав наоколу во затворот додека ги чекав. Добивав енергија откако ќе ги слушнев и ќе го почувствував нивното присуство. Во мислите почнав да им зборувам на децата:
Драги Али и Киана, го имате секое право да ја напуштите земјата чиј лидер не го препознава и признава вашето право и вашиот свет. Колку пати ќе ги повредуваат вашите мали и невини срца и ќе ве гледаат како плачете додека се одделувате од мене? Драги мои Киана и Али. Двајцата преживеавте повеќе страдање во вашите животи отколку што сте свесни и отколку што можевте да замислите. Не знам, можеби ќе ви биде полесно да живеете во општество во кое љубовта и врската меѓу мајката и нејзините деца е вреднувана и разбрана, дури и ако не сум до вас. Знам дека оваа разделба ќе биде тешка, но не можам да издржам да ги гледам вашите солзи, стравови и несигурности. Би направила се што е во моја моќ за да ве заштитам од болка. Најмили мои, ве молам простете ми. Казните што властите ги насочија кон мене, ве погодија вас. Во само 8 ипол години преживеавте повеќе страдања отколку што можевте да замислите. Градите ми горат. Гледам во часовникот и Али и Киана одлетаа со авионот. А јас, мајка во болка и изморена од страдање, останав во Иран. Срцето ми се распарчи на стотици делови. Рацете, без да се трудам – се креваат нагоре кон небото. Драг Боже, земи ги моите раце и дај ми го трпението што ми е потребно. Долго време нема да ги видам нивните невини лица. Нема да ги слушнам нивните гласови. Нема да ги помирисам додека ги држам во рацете. О Боже, рацете ми се толку ладни и празни без моите деца во нив. Градите ми горат. Образите ми горат од солзите кои се слеваат по моето лице. Лавата која се излева од моите очи е како оган кој излегува од длабочините на моето срце.
Ова е писмо на Наргес Мохамади до јавниот обвинител на Техеран, напишано во јули 2015 година во кое таа исто така побара подобар третман за жените во затворот.
Мохамади ја отслужува казната за „ширење пропаганда“ во озлогласениот затвор Евин во Техеран. Таа е заменичка на нобеловката за мир Ширин Ебади на челото на невладината организација Центар на бранители на човекови права. Ебади ја доби наградата за мир во 2003 година.