
ФОТО | Петти брак на 92 години: Милијардерот Руперт Мардок се ожени со 25 години помлада Русинка
По шест години брак со топ моделот Џери Хол, од 2016 до 2022 година, се случи и петтиот брак! Медиумскиот магнат Руперт Мардок (92) се ожени со биологот Елена Жукова (62), а на раскошната венчавка присуствувале бројни богати гости. Венчавката се одржала на неговиот импозантен имот во Бел Ер вреден 150 милиони долари, а самата церемонија наводно се одржала во неговото лозје, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано

Сите гости пристигнале со луксузни автомобили, вклучувајќи брендови како бентли, јагуар, лексус… На венчавката присуствувале и американскиот спортски директор Роберт Крафт со сопругата Дана Блумберг, извршниот директор на „Њуз корп“ Роберт Томпсон со сопругата Ванг Пинг и бројни други гости.
Мардок, чие богатство се проценува на околу 20 милијарди долари, ја запознал Жукова преку својата трета сопруга Венди Денг.

Како што претходно напиша „Дејли мејл“, откако Мардок објави дека ја напушта функцијата претседател на „Фокс“, „Корп“ и „Њуз корп“, потврдија дека поголемиот дел од своето време ќе го фокусира на производство на вина од светска класа во своето лозје.
– Тој сакаше да се повлече додека знае дека сè уште има време и доволно енергија да се фокусира на други работи, особено на својот вински имот Морага – изјавил извор за „Дејли мејл“.

Претходно се шпекулираше дека неговата поранешна сопруга Џери Хол тајно се надевала дека ќе го наследи лозјето, па дури и се запишала на онлајн курс за лозарство, но Мардок ја шокираше во 2022 година со тоа што ѝ испрати е-пошта во која ѝ соопшти дека нивниот брак е завршен и дека сака развод.

Помеѓу разводот и романсата со Жукова, Мардок неколку недели беше свршен со Ен Лесли Смит.
Медиумскиот тајкун е познат по тоа што нема проблем да склопува бракови, па за првпат се ожени во 1956 година. Стануваше збор за Патриша Букер, од која се разведе 11 години подоцна, во 1967 година.
Истата година се ожени со втората сопруга Ана Марија Торв, со која остана во брак 32 години. Тие се разведоа во 1999 година. Подоцна истата година, тој се ожени со својата трета сопруга Венди Денг. Се разведоа во 2013 година.
Инаку, новата сопруга на Мардок, Елена Жукова емигрирала од Москва во САД, а претходно била во брак со милијардерот Александар Жуков. Таа е мајка на Даша Жукова која беше во брак со рускиот тајкун Роман Абрамович – поранешната двојка собра уметничка колекција на Моне, Пикасо и многу други, вредна милијарда долари.
Медиумскиот магнат Руперт Мардок и актерката Џери Хол официјално се разделија по шест години брак