
Петрушевски: Очекуваме Даути да поднесе оставка, тоа е нормален и морален чин
„Потполно се сложувам дека по автоматизам интерпелацијата не значи разрешување на одреден функционер. Меѓутоа, јас тука не ја гледам логиката дека ова мора да биде така. Во скоро сите европски земји, никаде интерпелација, односно изгласување на интерпелација на работа на функционер по автоматизам значи и оставка на самиот функционер. Претпоставувам дека нивото на демократија е поголемо таму и се остава на свеста на самите функционери. Меѓутоа интерпелацијата таму ја гледаат и како алатка на опозицијата и за надзор на работењето на носителите на јавни функции. Често ја користат за поттикнување на јавна дебата“, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на вечерашното гостување во „Топ Тема“ на „Телма“.
Препорачано
Петрушевски се осврна на актуелната тема по однос на поднесената интерпелација кон Илире Даути, посочи дека кога веќе е изгласано и утврдено дека има прекршување на Деловник на Собрание, на Устав, не треба да постои простор за размислување дали е потребно поднесување на оставка.
„Она што е различно кај нас и таму е тоа што таму демократската свест е многу поголема. Во нормален развиен демократски свет доколку ти изгласаат интерпелација со која се утврдува дека недвосмислено е утврдено дека има прекршување на Деловникот на Собрание, на Уставот, не се размислува повеќе дали некој треба да поднесе оставка или не. Тоа е нормален морален чин“, рече Петрушевски.
Тој ја нагласи важноста од потребата за постоење на морален чин од страна на Даути, односно испрати јасна порака дека е потребно да поднесе оставка, за нормално продолжување на функционирање на Комисијата.
„Очекуваме Илире Даути да поднесе оставка со што ќе ја отвори постапката за именување на друг претседател на комисијата кој ќе доаѓа од редовите на Европскиот фронт. Треба да дадат друго име да го изгласаме преку Комисија и да заврши оваа сага која се случува“, заклучи Петрушевски.