
Петиција против ДУП за Лисиче: Изградбата на згради ќе го одземе и воздухот и спокојството во населбата
Ако не се прифати барањето за отфрлање на ДУП за Градска четврт JИ09 блок 09.01, жителите најавуваат дека ќе ги употребат сите демократски средства кои ги имаат на располагање, вклучувајќи оспорување на ДУП-от пред Уставен суд, но и ќе организираат протести пред Општина Аеродром и ќе блокираат улици.
Доколку се донесе и се спроведе предложениот ДУП за Лисиче, оваа населба веќе нема да биде населба со семејни куќи, туку во неа ќе изникнат дури девет згради, од кои една 11-катница и три на седум ката. Жителите уште додека планот беше на јавна анкета, се обидоа со поднесување анкетни листови да ја спречат штетата со која, како што велат, ќе се наруши спокојниот живот во населбата, а сега, со петиција потпишана од 711 жители, се надеваат дека ќе го запрат донесувањето на овој ДУП.
Препорачано
Тие петицијата во која го изразуваат своето незадоволство за предложениот план затоа што сметаат дека тој не го заштитува јавниот интерес и интересите на жителите, веќе ја доставија до градоначалникот и до службите на Општина Аеродром, до градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за транспорт и врски и до Народниот правобранител.
Граѓаните на населбата Лисиче не се адекватно консултирани и не беа вклучени при процесот на изработка на новиот ДУП. Сметаме дека имаме демократско право како жители на Лисиче да бидеме вклучени и да учествуваме во процесот на одлучување за одлуки што влијаат врз нашата заедница, бидејќи ова е наша населба и место за живеење, во кое сакаме да имаме поубав и поквалитетен простор за живот како за нас, така и за нашите деца и идни поколенија. Од друга страна, жителите не беа соодветно информирани за јавната расправа и увидот во предлогот на ДУП и иако законски, немаше транспарентно известување за јавната расправа и увидот во истиот за да дадат свои забелешки и мислења, а истовремено многу од жителите беа одвраќани да дадат забелешки со образложение дека не се дел од спорниот блок – се вели во петицијата на жителите организирани во иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“.
Тие наведуваат повеќе забелешки на предложениот ДУП, меѓу кои и тоа дека е во спротивност со општите и посебните услови за просторен развој на ГУП на Град Скопје.
Според делот Посебни услови по четврти – нумерички показатели за градската четврт JИ09, во точката 5 се наведува: Во делови на четвртите, кои постојат како урбани целини со намена домување во станбени куќи, во планската документација од пониско ниво се забрануваат градби за домување во станбени згради. Планираната изградба на згради покрај булеварот Србија и булеварот 12. Македонска бригада е во целосна спротивност со овие одредби заради тоа што Лисиче е населба за индивидуално домување и тоа не смее да се промени доколку сакаме да се заштитиме како нејзини жители – наведуваат од „Да го зачуваме Лисиче“.
Според нив, ДУП на дел од населба Лисиче е во спротивност со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и со него се загрозуваат условите за хумано живеење; нарушена е животната средина; настануваат климатски промени; се загрозува постојната инфраструктура; се загрозуваат правата на сопственост; се обезвреднуваат имотите на граѓаните и друго. Покрај тоа, како што се наведува во петицијата, новиот ДУП предвидува изградба на згради и сервисни улици што поминуваат низ куќите и дворовите на сопствениците на места каде што се наоѓаат зелени површини и три природни зони.
Со изградбата за новопредвидените објекти покрај булеварот Србија и булеварот 12. Македонска бригада со височини од 16 до 32,5 метри, дополнително ќе се загрози животната средина, а со намалување на зеленилото и зелениот појас покрај булеварите наместо да се планира парк или игралиште за деца, ќе се претвори во паркинг-простор за новонаселените жители. Во населба Лисиче нема многу зелени површини и природни зони, кои се многу важни за здравјето и благосостојбата на граѓаните. Новиот ДУП што предвидува изградба на згради и сервисни улици токму на места каде што се наоѓаат зелени површини, ќе предизвика дополнително загадување на воздухот, наспроти преземање мерки за намалување на загадувањето. Со тоа, населбата Лисиче како едно од најзагадените места во светски рамки ќе стане уште позагадена – тврдат граѓаните од населбата.
Како што стои во петицијата, со изградбата на зградите покрај булеварот Србија, заедно со веќе изградените згради од спротивната страна на булеварот, целосно ќе се оневозможи слободното струење на воздухот и природната аерација, а со дозволени маркички од П+4 покрај бул. 12. Македонска бригада жителите од внатрешниот дел на населбата ќе немаат природен провев ниту видик. Затоа, тие сметаат дека не смее да се донесе ДУП што предвидува поголема катност од П+2+Пк.
Со затворање на дел од постојните улици и градба на нови сервисни улици, кои се планираат да поминуваат низ дворовите и домовите на сопствениците, притоа одземајќи им ги дворовите и уривајќи ја постојната инфраструктура во приватна сопственост – куќи, помошни објекти, огради, бунари и слично, сечење овошки, украсни дрвја и друга вегетација, бришење постојни маркички за градба, ставање на постојните куќи помеѓу две прометни улици надвор од сите стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, ќе се создадат проблеми од сите аспекти – се вели во петицијата.
Доколку не се прифати нивното барање за отфрлање на ДУП за Градска четврт JИ09 блок 09.01, жителите најавуваат дека ќе ги употребат сите демократски средства што ги имаат на располагање, вклучувајќи оспорување на ДУП-от пред Уставен суд, но и протести пред Општина Аеродром, блокирање улици и други активности.