Пет клучни прашања за украинскиот упад во руската област Курск

Упадот на Украина на руска територија на 6 август ја изненади не само Москва, туку и многумина во самата Украина и повеќето од оние кои ја следат војната однадвор.

Зошто Киев одлучи да го започне овој храбар напад кога неговите војници се веќе разредени на неколку места долж линијата на фронтот долга 1.000 километри?

Речиси една недела подоцна, руската војска сè уште има проблеми да го запре упадот, но сега полека почнува да се појавува логиката зад операцијата.

Еве пет клучни прашања за овој нов развој на војната во Украина, кои најверојатно ќе влијаат на тоа како ќе се одвива војната во наредните месеци.

Што се случи во Курск?

На 6 август, украинските војници извршија ненадеен упад во руската област Курск, која граничи со Украина. Досега не се презентирани проверени  информации за обемот на овој напад, ниту пак дополнителни детали околу украинскиот упад.

На почетокот се чинеше дека операцијата е слична  на претходните спорадични упади на руските диверзантски групи кои се спротивставуваат на Владата на Владимир Путин. Тие доста често  се обидуваат од Украина да преминат во Русија и да ги нападнат руските владини сили.

Но, минатонеделниот напад отиде подлабоко во руска територија – кога руските воени блогери објавија дека се водат жестоки борби на триесет километри од границата и кога гувернерот на областа Курск му кажал на претседателот Путин дека 28 руски села се освоени од украинската армија, по што стана јасно дека во воената операција  учествуваат регуларните единици на уркаинската армија.

Додека Москва ја концентрираше својата воена сила на неколку клучни точки на главната линија на фронтот каде што продолжуваат жестоките борби, Киев одлучи да ја искористи слабо чуваната граница и да направи упад на територијата на Русија.

„Ние сме во офанзива. Целта е да се развлечат позициите на непријателот, да се нанесат максимални загуби и да се дестабилизира ситуацијата во Русија, бидејќи тие не се способни да ја заштитат сопствената граница“, изјави за АФП неименуван висок функционер за безбедност на Украина.

Руски проектили „искендар М“ гаѓаат украински оклопни возила кај Курск – Фотографија Profimedia

Зошто Украина ја нападна Русија во областа Курск?

Во почетокот Киев молчеше за овој напад, а претседателот Владимир Зеленски индиректно го потврди дури на 10 август. Тој рече дека Украина продолжува да „ја враќа војната на територијата на агресорот“. Иако не наведе јасни причини или цели за оваа операција, на 12 август објави дека Киев сега контролира околу 1.000 квадратни километри руска територија.

Воените и политичките аналитичари, кои се обидоа да одговорат на прашањето „зошто“, генерално се согласуваат дека една од главните причини за овој упад може да биде тактичко одвлекување на вниманието. Во последниве месеци, Украина се бореше да ги задржи руските сили на исток, кои полека напредуваа, освојувајќи го стратешкиот Касив Јар минатата недела. На североисток и на југ ситуацијата е подеднакво тешка.

И покрај фактот што Русија е побројна и вооружена на многу точки долж линијата на фронтот долга 1.100 километри, украинските власти решија да се „коцкаат“ со отворање на ново борбено жариште на стотици километри оддалеченост, со цел да му направат дополнителен притисок на непријателот, пренасочувајќи некои борбени трупи од Источна Украина кон Курската област во Русија.

Експертот за безбедност Марк Галеоти за Би-би-си изјави дека Украина била заглавена во војна на трошење во последните месеци, со многу мало движење на теренот, и дека сега мора да преземе ризици за да добие каква било предност.

„Ги испративме нашите најподготвени единици до најслабите точки на нивната граница“, рече еден украински командант во изјава за Економист, потврдувајќи дека потегот е во најмала рака „коцкање“.

Тој додаде дека „коцкањето“ не почнало да се исплати толку брзо како што се надеваше Киев.

„Нивните команданти не се наивни… Тие ги движат силите, но не толку брзо како што би сакале. Тие знаат дека не можеме да ја продолжиме логистиката за 80 или 100 километри“, додаде тој.

Руска артилерија на позиција во областа Курск – Фотографија ЕПА, Министерство за одбрана на Русија

Како реагираше Русија?

Руската пропаганда брзо ги нарече напорите за потиснување на украинскиот упад  „антитерористичка операција“. На 121.000 луѓе им било кажано да се евакуираат од областа Курск, а уште 11.000 луѓе биле преместени од соседниот регион Белгород.

Руските власти прогласија федерална вонредна состојба во областа, со индивидуална финансиска компензација од 115 долари за локалните жители. Началникот на Генералштабот на руската армија, генерал Валериј Герасимов, минатата недела неколку пати тврдеше дека украинскиот упад бил запрен, додека на терен се видливи докази за спротивното. Генералот Герасимов беше видно отсутен на последната седница на Советот за безбедност на Русија, со која претседаваше претседателот Путин, посветена на решавање на оваа криза.

Од друга страна, присутен беше и еден од најблиските сојузници на Путин, шефот на руската безбедносна служба ФСБ Александар Бортников. Во последната изјава за овие настани, претседателот Путин ја обвини Украина дека напаѓа мирни цивили и вети „соодветен одговор“.

Професорот Галеоти вели дека Украина се соочува со реален ризик од жестока одмазда од Русија.

„Путин би можел да најави нов бран на мобилизација и да внесе уште неколку стотици илјади војници во вооружените сили.

Тој додава дека Русија би можела да најде други начини за ескалација на конфликтот.

Во последниве месеци, Украина се соочи со разорно руско бомбардирање на нејзината енергетска инфраструктура, оставајќи голем дел од неа уништен или делумно оштетен. Оваа кампања потенцијално би можела да стане уште поинтензивна.

Украински борбени возила во областа Курск, на нишан на руски дрон – Фотографија ЕПА, Министерство за одбрана на Русија

Дали борбите во регионот Курск значат дека Украина го сврте текот на војната?

Леснотијата со која Украина навидум ја нападна Русија мора да се гледа во поширок контекст и не мора да води до крај на овој конфликт во блиска иднина.

„Тоа е површина од околу 80 на 30 километри, а во контекст на големината на Русија и Украина, тоа е занемарливо. Но, неговото политичко влијание е многу поважно“, вели Марк Галеоти.

Некои аналитичари тврдат дека Украина е желна да им покаже на своите западни сојузници, а особено на САД, дека нејзините сили можат да продолжат да се борат.

Тоа, исто така, ја зајакна, ако само привремено, преговарачката позиција на Киев: со трупи на 30 километри на руската територија, се чини дека Москва нема да прифати каков било предлог за замрзнување на борбените линии како што е во моментов. Операцијата, исто така, го промени наративот на војната за Русите во земјата – веќе нема некој далечен конфликт наречен „специјална воена операција“, туку развој што директно ги засега сите нив.

Путин и Зеленски/ Фото: ЕПА

Како инвазијата ќе влијае на иднината на Зеленски и Путин?

И за рускиот и за украинскиот лидер ова е пресвртница во нивните претседателски мандати.

За Владимир Путин, авторитарен и често нефлексибилен лидер, навикнат да се потпира на својот близок круг и особено на безбедносните служби, овој развој претставува голем предизвик. Сè потешко е да се сокријат размерите на руските воени загуби. Со десетици илјади раселени Руси, тешко е да се одржи сликата дека Кремљ е под контрола и дека ова не е сеопфатна војна.

За Владимир Зеленски, овој упад во Русија би можел да испадне исто толку непријатен, но од сосема други причини. Аналитичарот Емил Кастехелми вели дека најдобриот исход за Украина би бил Русија да пренасочи „значителни борбени сили  од најкритичните места за да го врати секој квадратен километар од руската територија, и покрај загубите“.

Иако тоа може да го зајакне украинскиот морал на краток рок, може да резултира со уште поголеми територијални загуби на исток, во областите на фронтот каде што борбите продолжуваат со несмалено темпо, додека некои руски воени блогери слават освојување на нови територии, но тоа се информации кои засега остануваат непотврдени.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот