дмитри песков
Дмитри Песков, портпарол на Кремљ / Фото: Слободен печат, архива

Песков: Обвинувањата за вмешаност на Русија во инциденти со беспилотни летала се неосновани

Портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес ги отфрли обвинувањата против Русија за наводна вмешаност во инцидентите со беспилотни летала, нарекувајќи ги „неосновани“.

„Секој пат кога изнесуваат неосновани обвинувања, искрено, тоа води до тоа таквите изјави повеќе да не се земаат предвид. Бидејќи секој пат слушаме неосновани обвинувања. Можеби страна која зазема сериозна, одговорна позиција не треба да изнесува такви неосновани обвинувања одново и одново“, им рече Песков на новинарите, одговарајќи на прашање за наводната вмешаност на Русија во инцидентот со беспилотното летало на аеродромот во Копенхаген, објави РИА Новости.

Flightradar24 објави на својата страница на социјалните мрежи X во понеделник вечерта дека сите полетувања и слетувања на аеродромот во Копенхаген се суспендирани од 20:26 часот по локално време поради пријави за беспилотни летала.

Данската премиерка Мете Фредериксен денес изјави дека инцидентот со беспилотното летало на аеродромот во Копенхаген е најсериозниот напад врз данската критична инфраструктура досега.

Таа додаде дека не е исклучена никаква можност и дека инцидентот се вклопува во низа слични настани во Европа, вклучувајќи напади со беспилотни летала, кршење на воздушниот простор и сајбер напади врз европските аеродроми.

Данската полиција претходно соопшти дека зад беспилотните летала што синоќа летаа над аеродромот во Копенхаген стои „способен актер“, со што привремено се суспендирани дојдовните и појдовните летови, и дека руската одговорност „не може да се исклучи“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот