
Пензионерите „побогати“ за 1.000 денари – почна исплатата на септемвриската пензија
Најголемиот дел од пензионерите земаат од 18 до 21 илјада денари, а речиси 27 отсто земаат од 27.500 денари до 43.700 денари
Дел од банките почнаа со исплатата на септемвриската пензија, која е според Одлуката на Владата е линеарно зголемена за 1.000 денари. Втората транша од ветеното зголемување сениорите ќе ја добијат во април со мартовската пензија.
Препорачано
Директорот на ПИОМ, Никола Мемов, неодамна истакна дека овие зголемувања нема да ја нарушат стабилноста на пензискиот фонд, бидејќи и во нивниот буџет за оваа година, било предвидено за процентуалното зголемување на пензиите да се одвојат околу 4 до 5 отсто од средствата, што е еднаков износ со линеарното зголемување.
Со новото линеарно зголемување на пензиите од 2.000 денари, во септември годинава и март следната година, за над 344 илјади пензионери од државната каса ќе бидат потребни нешто над 134 милиони евра годишно.
Премиерот Христијан Мицкоски рече дека новото линеарно покачување, наместо процентуалното, било на барање на пензионерите, но од Партијата на пензионери, тогаш се спротивставија со податокот дека на овој начин сите со пензии над 20 илјади денари ќе бидат оштетени.
– Од 1 октомври е првичната корекција на пензиите, линеарното зголемување, а потоа ќе има и напролет. Со тоа ќе се заокружи инвестицискиот циклус и зголемувањето на пензиите линеарно во вкупен износ од 7.000 денари по пензионер, што ги надминува оние 5.000 што ги зборувавме за време на кампањата – рече Мицкоски.
Инаку, најголемиот дел од пензионерите земаат од 18 до 21 илјада денари, а речиси 27 отсто земаат од 27.500 денари до 43.700 денари.