
Пенов може да биде советник, но не и кандидат за градоначалник на Скопје
Ексградоначалникот на Скопје Ристо Пенов можно е да се најде на советничката листа на ЛДП за Град Скопје, но нема да биде кандидат за градоначалник на метрополата. Ова за „Слободен печат“ го потврди Пенов, по неофицијалните информации дека тој, како кандидат на ЛДП влегува во трка за татко на метрополата. ЛДП на локалните избори ќе настапи самостојно.
Препорачано
И актуелниот советник на Град Скопје и епидемиолог Никола Пановски кој во моментов е во странство, преку порака ни потврди дека вчера не присуствувал на Централниот одбор на партијата и дека не прифатил кандидатура.
Според неофицијалните информации во некои медиуми Пенов и Пановски се главни фаворити за кандидат за градоначалник и носител на листа на Скопје од редовите на ЛДП и дека одлуката била донесена на вчерашната седницата на Централниот одбор на партијата, каде мнозинството гласови одлучиле во првите редови на трката за Скопје да се приклучат овие партиски кадри.
Пенов беше градоначалник на Скопје во два мандата, од 1996 до 2005 година. Тој во владата на експремиерот Димитар Ковачевски беше министер за локална самоуправа. Можно е сега тој повторно политички да се активира во локалната власт ако и дефинитивно биде кандидат за советник од ЛДП на Град Скопје.