
Пеце-Суперхикс: Мојот син беше нападнат од страна на малолетни лица од Домот за деца во Капиштец
Петар Младеновски-Пеце од музичката група „Суперхикс“ на својот Фејсбук-профил реагираше дека викендов неговиот малолетен син е нападнат додека сам играл кошарка во паркот во Капиштец од страна на четири малолетни лица на возраст од 12 до 16 години, штитеници од Домот за деца.
Препорачано
Од полицајците добивмо инфо дека ова се веќе познати малолетни деликвенти и сторители на десетици дела..но, дека истите се штитеници од Домот за деца ( од она што подоцна го дознав, деца со девијантно и проблематично однесување) за кој искрен да бидам прв пат слушам иако живеам на неполни 700м од куќата, “25 Мај“ кој се наоѓа на улицата Елисие Поповски во близина на Водњанска и дека истите никако не можат кривично да одговараат за сторените дела ниту да бидат некако приведени, пишува Младеновски.
Вели дека неговиот син има последици од настанот и трауми што ќе ги влече долго време. Порача дека ќе продолжат со пријава на делото во полиција и прибирање на сите потребни извештаи со цел да се расчисти случајот.
Не знам каков живот ги чека искрено, ама ова не е во ред и е тажно и за нив. Исконтактирана е директорката на Домот, добив повик и од кабинетот на министерката Јована Тренчевска која верувам и лично ќе се заинтересира за случајов и оваа не баш пријатна состојба и самата ќе се запознае со случајот и реагира. Би сакал со случајот да бидат запознаени (бидејќи ова веќе станува опасно, Капиштец станува Бронкс а важеше за една од најмирните населби некогаш) Општина Центар и Горан Герасимовски. Очекуваме помош и од полицијата и од сите кои се надлежни да постапат по ова. Не се чувствуваме безбедни во сопствената населба и Паркот Капиштец. Ова не е прв инцидент. Се намножија низ годините. Реакцијата е млака или ја нема воопшто. Драги соседи бидете внимателни и чувајте ги вашите деца и себе!, додава тој.