
Патувачкото кино на „МакеДокс“ и проектот „Солар синема“ имаат сродна кино-мисија
Претпладневните викенд-термини на „МакеДокс“ беа резервирани за мастеркласови, кои годинава се одржаа во „Лабораториум“. На 23 август беа претставени проектите „Солар синема“ и Патувачкото кино на „МакеДокс“, кои имаат сродна мисија во однос на прикажувањето филмови во неформални и амбиентални околности.
Препорачано
Проектот „Солар синема“ го претстави Морин Принс, режисерка, монтажерка и продукциска дизајнерка од Холандија. Водена од пасијата да го демократизира киното така што ќе ѝ овозможи пристап на секоја публика, во 2006 година го основа првото „Соларно кино“ во Холандија, подвижно кино кое во целост ја напојува својата опрема само со сончева енергија и така ги носи филмовите во културно најсиромашните области во светот. „Филмовите се направени за да се гледаат“, истакна Морин Принс на мастеркласот во Скопје.
Во 2009 година ја основала фондацијата „Солар ворлд синема“ со цел да го рашири концептот во странство. Денес во светот има 12 вакви кина кои ја формираат Мрежата на соларни кина, а со мрежата се опфатени држави како Холандија, Бразил, Перу, Непал, Чиле и други.
Патувачкото кино на „МакеДокс“ го претстави Дарко Набаков. Патувачкото кино оваа година го реализираше своето 16-то издание, посетувајќи го Кочани и приредувајќи проекции на документарни филмови на летната сцена пред Домот на културата. Во изминатите 16 години Патувачкото кино има посетено над 160 помали места низ целата држава, а во рамки на јубилејното 10-то Патувачко кино имаше проекции на филмови и во соседна Албанија.
– Покрај проекциите на документарни филмови, идејата на Патувачкото кино е да оствари комуникација со локалното население и на тој начин да се случи размена на искуства со екипата на „МакеДокс“ – објасни Набаков.