
Папата му се спротивстави на Трамп – остро ги нападна негаторите на климатските промени
Продолжувајќи ја реториката на својот претходник, папата Франциско, тој ги осуди критичарите кои се „исмеваат со оние што зборуваат за глобалното затоплување“, пренесе Би-би-си.
Препорачано
Неговите изјави, дадени за време на говор во Кастел Гандолфо близу Рим, се толкуваат како индиректна критика на американскиот претседател Доналд Трамп, кој минатиот месец климатските промени ги нарече „измама“.
Папата Лав апелираше за посилна граѓанска акција ширум светот, истакнувајќи дека нема место за рамнодушност или резигнација. Тој зборуваше на конференцијата „Подигање на надежта“, организирана по повод десетгодишнината од енцикликата „Лаудато Си“ на претходниот папа Франциск, која ја стави климата во центарот на загриженоста на црквата.
„Некои решија да ги исмеваат очигледните знаци на климатските промени, да им се потсмеваат на оние кои зборуваат за глобалното затоплување, па дури и да ги обвинуваат сиромашните за она што најмногу ги погодува,“ рече тој.
Пред само две недели, на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Трамп го нарече климатското движење „најголема измама во историјата“ и го отфрли користењето обновливи извори на енергија. Ова не е првпат папата Лав 14-ти, првиот поглавар на Католичката црква роден во САД, да влезе во судир со Белата куќа на Трамп, а досега тоа беше околу темите на миграциите и националната безбедност.
Папата порача дека секој човек ќе мора да одговори пред Бог: „Ќе нè праша дали се грижевме за светот што го создаде за доброто на сите и на идните генерации, и дали се грижевме за своите браќа и сестри.“
На конференцијата говореше и поранешниот гувернер на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, кој го нарече Папата вистински „акциски херој“ поради одлуката сите ватикански згради да бидат покриени со соларни панели.
Настанот се одржа нешто повеќе од еден месец пред климатскиот самит COP30 во Белем, Бразил, каде светските лидери ќе се соберат во момент кога борбата против климатските промени паѓа од врвот на политичките приоритети.
Бразилската министерка за животна средина Марина Силва го покани Папата на COP30 во име на претседателот Лула, уверена дека неговото присуство ќе даде „незаобиколен придонес за историски успех“.