
Панел дискусија за жените претприемачи во Пелагонискиот регион
На панел-дискусија „Мали бизниси во сопственост на жени во Пелагонискиот регион“ што се одржа во Европската куќа во Битола, жени претприемачи од Битола, Могила, Крушево и Прилеп ги споделија искуствата со младите од Пелагонија, за тоа како е да се води бизнис во македонското општество, со какви предизвици и предрасуди се соочуваат.
Препорачано
Настанот беше во организација на Здружението за меѓународна младинска соработка „Интерактив“ и Европската куќа во Битола, и имаше за цел да го промовира женското претприемништво пред младите, но, и да ги вмрежи со сопственичките на бизниси.
-Целта е да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат успешните бизнисменки од Пелагонискиот регион, кој во последните години е погоден од масовна миграција на населението. Но, од друга страна имаме луѓе коишто решиле да останат овде и да ја градат нивната успешна приватна и професионална иднина-рече Иван Дургутов, заменик-претседател на Здружението „Интерактив“ од Битола.
На тркалезната маса се отвори прашањето дали жените-претприемачки се исправиле пред предизвикот на традиционалното разбирање на машки и женски професии, стереотипизирањето на женската наспроти машката работна сила и нелојалната конкуренција.
-Владее тој стереотип во нашето општество. Директен конфликт не сме имале, но, сепак се чувствува таа поделба и желба за надменост-рече Марјана Кочоска жена претприемач од Крушево.
Ана Ристевска која води бизнис во областа на едукација за програмирање и ИТ обуки, повика на економска емпатија и солидарност меѓу домашните претприемачи.
-Ги охрабрувам младите жени да почнат свој бизнис, да покажат економска емпатија преку формирање на здруженија и правење на заеднички проекти. Да делат совети и да се поттикне кариерниот развој на младите жени-порача Ристевска.
Од Здружението „Интерактив“ велат дека многу истражувања покажуваат за исклучување на жените, дискриминација во висината на плата, дискриминација заради биолошките карактеристики и тоа само поради што се жени.
-Генерално на ниво на Македонија, но, и во Пелагонскиот регион бројките не се многу позитивни кога зборуваме за вклученост на жената, без разлика дали станува збор за жени сопственички на бизниси, за жени на управувачки позиции итн. Сепак, сè уште таа е сфера во којашто преовладуваат мажите но, токму настаните како овој верувам дека помагаат да се испрати пораката и да се види дека бариерите постојат меѓутоа не се нешто што не може да биде надминато-рече Иван Дургутов на тркалезната маса „Мали бизниси во сопственост на жени во Пелагонискиот регион“ што се одржа во Битола.