Судење за за убиството на Вања и Панче / Фото: „Слободен печат“, Мирослава Симоновска

Палевски вели дека во Турција не бегал, туку отишол да докаже дека Гоце Делчев не го убиле Турците туку врховистите

Однесувањето на обвинителите кон мене беше крајно понижувачко, зашто прашуваа кај сведоците кај кој доктор сум имал закажано операција во Турција, а добро им е познато дека во мојот исказ пред нив од 5 јуни 2024, на обвинителката Цалева јасно ѝ објаснив дека сакав да правам магнетна резонанца на друго место а не во Македонија. Кога правиш магнетна резонанца, со неа добиваш и специјалистичко мислење, што за мене значи добивање на второ стручно мислење од кое ќе се знае дали ќе се оперирам или не, изјави Љупчо Палевски на денешното судење за убиството на Вања и Панче.

– Не сум бил да се оперирам, што има сосема друго значење. Во судот и во Oбвинителството беше приложена дијагноза од професор Лозанче од јули 2020 година каде констатира дека кичмениот канал кај мене е преку 50 проценти стеснет. И во дијагнозата не постои терапија или лек, туку исклучиво оперативен зафат. Тоа беше причината зошто давав приговори на тие тенденциозни прашања. На ОЈО му ги предадов и посочив и објаснив моите здравствени проблеми а во судот се однесуваа како тоа никогаш да не се случило во нивните простории. Комплетно објаснета им беше состојбата на мојата кичма. Но, сосема спротивно, јавното обвинителство по вторпат со наредба ми ги одзеде и големиот куфер во кој имав гардероба и еден куп тетратки што не се приложени во листата на докази но најважно евтино, две цедеа со магнетна резонанца не постојат во записникот на одземени предмети.

Смешно и трагично, зашто тие две магнетни резонанци може да ги добијам во копија и не значат ништо. А ги носев со себе зашто едната е од 2016 а другата од 2020. Кога ќе направите трета магнетна резонанца можете да направите хронологија на болеста. Крадењето на две цедеа на ваков беден начин кои заборавиле да ги стават во записник за одземени предмети, покажува каков е нивниот однос. Лозанче во Систина јасно кажал и потпишал уште во 2020 година – раскажува Палевски.

Палевски: Имав 200 илјади телефонски разговори на бизнисмени со „ферари“, ако сакав пари ќе ги уценував

Палевски посочи дека една од причините за неговото патување во Турција покрај медицинското иследување, наводно била и посетата на воениот архив на Истанбул од каде, како што тврди тој, требало да земе копија и доказ дека „во Баница на 4 мај 1903 година немало ниеден аскер. И дека Гоце Делчев не е убиен од турска воска туку од Врховистите“.

– Една од трите причини од моето десетдневно патување, а за медиумите бегство, добро брифирани од неколку обвинители и од бриферот Јанаки Митровски, беше посета на воениот архив на Истанбул од каде требаше да земам копија и доказ дека во Баница на 4 мај 1903 година немало ниеден аскер. И дека Гоце Делчев не е убиен од турската војска туку од Врховистите. Тоа е и од интерес на Турција да се расчисти.

Зошто гледав билети за патување до Минск и Москва? Тоа беше поради мојата желба и намера да одам во Москва, но не сум ги букирал и не сум ги купил картите. Во Москва требаше да одам за да земам копија од Новгородски ливчиња (Новгород е град во Русија) од јавната библиотека во Москва за да донесам копија од патријаршија која ја чуваат во Москва. Така планирав 12 дена да се одморам од состаноци и тригодишно интензивно работење – додаде тој.

Откако пристигнал во Турција на граница, контактирал Турчин што знае македонски, а контактот рече дека му го дал Велибор Манев.

– Турчинот ми објасни дека во Истанбул тешко ќе најдеме куќа под закуп и негов предлог беше Баликесир на 200 километри од Истанбул. Го прифатив тој предлог зашто имав намера еден ден да поминам во Истанбул за магнетна резонанца, а во неделата на 3 декември 2023 да направам поткаст „Крш 114“ кој не го направив. Бев прогласен за монструм на 3 декември и беше смешно да правиш поткаст.

Имав резервирано автобуска карта од Баликесир до Истанбул за да стигнам рано сабајле во Истанбул за магнетна резонанца. Не отидов во Истанбул и добро е тоа, зашто дополнително ќе беше објаснето како бегство зашто на 3 декември вечерта во 20 часот се правеше претрес во куќата кај што живее моето семејство.

Тогаш адвокатот Васко Стојков ми се јави од претресот и ми кажа дека е најдобро да дојдам и да дадам изјава со зборовите „овде не си осомничен туку пресуден“. Почна расправија, јас бев многу лут, но Васко ја прекина линијата а во судот објасни дека инспекторот од МВР барал да спушти.

Претходниот ден, на 02.12.2023 исто така со Васко Стојков во својство на адвокат а не член на партија, по барање на инспекторите. на Телеграм ми ѕвонеше, ми предочи дека полицијата прашува кај сум на што одговорив дека сум во Баликесир Турција. Не е точно дека сум недостапен за органите туку истиот момент кога прашаа дознаа од мене каде сум.

На втори, по прашање на МВР преку адвокатот Стојков дали и кога сум се движел низ Дебар Маало, бидејќи бев многу лут му кажав на Васко Стојков да почека да размислам и дека ќе се јавам и ќе му издиктирам каде, кога и како се движам низ Дебар Маало а за точниот ден кажав каде од прилика, кај кого и кога сум бил. И со какво возило сум бил. И тоа е направено по барање на МВР еден час откако побарале.

Така што, тврдењето по медиуми што е од брифери во јавното обвинителство дека сум во бегство – е брутална лага. А кога сме кај патувањето, писмено сабајлево му се обратив на судот да ги издвои доказите од возилото „Ренџ ровер“ со струмички таблици. Врз него има направено криминалистичко-техничка обработка на 5 декември, возило со кое сум патувал од Белград до Турција, кое нема врска со настанот за кој се судиме. Во него се пронајдени единствените 7 ДНК траги од мене – вели Палевски.

Единицата за насилен криминал, како што раскажува тој, со двајца инспектори на 1 декември отишле до село Глуво во викендица кај мајката на Палчо, да го бараат него и сопругата Весна и да прашаат какво возило вози.

Кога дознале дека сопругата не е сопственичка на возилото „Рено Кангу“, си отишле. А „Реното Кангу“ беше паркирано во центарот на Скопје. За жал на обвинителството не сум бил во полиција, а Дејан Димовски многу сакаше да ме види во полиција. Не сум учествувал во настаните за кои сум обвинет и наводите што ги кажав во исказот пред Обвинителството, останувам на нив.

Но тој исказ што го дадов пред Обвинителството, ќе биде многу проширен со детали, зашто во доказната постапка многу работи видов и се потсетив што се случувало во критичното време.

Во Баликесир стигнав на втори декември, попладнето. Под закуп зедов куќа на мое име, со моја исправа, платив за еден месец однапред. Интернет картичка зедов на име на газдата на куќата зашто планирав да правам поткаст. На 3 декември дознав дека сум осомничен кога е направен претрес на мојот дом и на Стефан Димковски му дадов пари за пат да си замине за Македонија веднаш, а и тој самиот планираше да замине ноќта на пат.

На 4-ти откако Стефан замина за Македонија, ја вратив картичката за интернет земена претходниот ден, ги вратив клучевите од куќата, не ја искористив автобуската карта до Истанбул, преспав и утрото заминав од куќата, отидов на бензинска во Баликесир за да размислам што да направам.

Во близина на бензинската отидов во пицерија и очекував во секој момент да се појави полиција зашто на сите портали во Турција беше мојата слика. Не се појави полиција за чудо иако Баликесир има 1 милион жители. После неколку часа, отидов во истата пицерија и се појави Интерпол Турција – појаснува Палевски.

Тој рече дека немал забелешки за нивното однесување и дека биле коректни.

– Ме однесоа во полициската станица, таму бев изведен на бел ѕид, сликан со мобилен и преку „Ватс Ап“ пратена беше фотографијата во Македонија. На пресот Оливер Спасовски ја имаше таа фотографија. Значи дека инспекторот ја пратил кај него, кај давачот на согласност за нерезидентни сметки. Ми беше јасно кој го организира ова. Следниот ден пред судот во Баликесир ми прочитаа за што сум осомничен и бев прашан дали постои можност за мачење и убиство во Македонија пред судот да донесе одлука. Од срам за сопствената држава кажав дека не постои таква можност да бидам мачен или убиен. Во самата екстрадиција ме прашаа 12 часа после апсењето, дали се согласувам со барањето за екстрадиција. Одговорив дека сакам да сум екстрадиран по итна постапка, со моја согласност и волја. Пројдоа 5 ипол месеци додека бев екстрадиран. Во турската документација стојат писма од затворениот Љупчо Палевски до министерот за правда на Турција со молба за побрза екстрадиција. Затоа што знам со кого си имам работа – додаде Палевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!