Палевски денеска ќе го испрашува Кешишев во судница

Денеска во 10 часот во скопскиот кривичен суд продолжува судењето за убиствата и грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски за кои обвинети се Љупчо Палевски викан Палчо, Влатко Кешишев, Велибор Манев и Боре Видевски, а за помагање обвинет е таткото на Вања Александар Ѓорчевски. Досега сите четворица членови на партијата „Десна“ во судница истакнаа дека не го познаваат Александар Ѓорчевски.

На минатото рочиште сведочеше Влатко Кешишев, кој тврдеше дека се плаши од Палевски и затоа судот дозволи да сведочи додека Палевски е надвор од судницата. Кешишев според неговиот исказ не учествувал во убиствата, туку бил „логистика“ – возел, чекал, купувал бензин и лопати со Палевски на пазар, копал дупка наменета за киднапирање на луѓе 2 години претходно и имал однос на потчинетост и лојалност кон Палевски. Живеел во штабот на „Десна“, готвел, служел кафе и во мобилниот телефон Палевски му бил мемориран како „царот“. Кешишев тврдеше дека додека ги правел овие работи, не знаел дека ќе бидат убивани киднапираните.

Тој рече дека во седиштето на политичката партија „Десна“ се правеле планови за киднапирања кои најнапред мислел дека се фантазија, но наскоро сфатил дека не се. На прашање на Обвинителството зошто не ги пријавил убиствата, тој рече дека „не можел да го предаде Палевски“. За пиштолот со кој е убиена Вања, рече дека слушнал оти е на Боре Видевски, но и дека тој пиштол се наоѓал во рацете на Палевски пред да испука во девојчето со придушен истрел.

Адвокатот на Палевски Јовица Страшевски после судењето изјави дека „Кешишев никогаш немал страв од Палевски“.

-Кешишев никогаш немал страв од Палевски. Си прави драма, онака како што му е посочено да кажува, така прави. Ова е сценарио и уште еден циркуз во судењето, за да продолжи циркузот – рече адвокатот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски.

Судот реши да го уважи барањето на Кешишев и да го отстрани Палевски од судницата за време на испрашувањето на Кешишев, со образложение дека Палевски му влијаел претходно на Кешишев и во негово присуство тој не би можел да ја зборува вистината.

-Кажуваат и двајцата дека ем биле таму, ем ништо не виделе. Како можеш да бидеш присутен, а ништо да не видиш? Едниот дава еден исказ, другиот друг исказ. Јавно се гледа дека се монтирани и двајцата и дека зборуваат она што некој им го наметнал. Не може ни вие како јавност, ниту судот да поклонува верба на изјавата на Кешишев и на неговиот адвокат која е лажна. Имаме директор на затворот Скопје кој кажа дека е невозможно ни во комбе ни во затворот да се подаде некакво ливче. Бидејќи истите лица се максимално обезбедени, ставени се сами во самица, ги носат повеќе чувари. Ова е една лага, а Кешишев треба самиот да се погледне и да каже што е вистината – рече адвокатот на Палевски, Страшевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот