Фото: Принтскрин / илустрација

Пациенти чекаат и по 5 години за протеза на колк, рамо или колено – тендерот пропаднал зашто фармацевтски гигант што од 1997 година носи протези во Македонија од Америка не прифатил нечесна елиминација

Пациенти чекаат од 2020 година да им биде вградена протеза на колк, рамо или колено и во редакцијата на „Слободен печат“ се жалат дека пред нив биле земени за операција други пациенти преку ред, без воопшто да бидат на листата на чекање. Тоа било така додека имало тендер за протези. Ама веќе три месеци во ГОБ „8 Септември“ и на трауматологија во ТОАРИЛУЦ каде се изведуваат овие хируршки интервенции искуствата што граѓани ги споделија со нашата редакција не се позитивни. Повеќе лекари анонимно тврдат дека со месеци не вградуваат протези за колено, колк и рамо зашто ги немаат и тендерот пропаднал. Неофицијално тврдат дека тендерот на ТОАРИЛУЦ пропаднал зашто фирма добавувач сметала дека се прави обид да биде елиминирана.

Таа конкретна фармацевтска фирма,  носела протези во македонските болници од американско произвдоство уште од 1997 година. Но кога ТОАРИЛУЦ објавил тендер за овие протези на крајот на 2024 година – во тендерската спецификација за првпат во историјата биле сменети параметрите со што овие протези не можеле да влезат во јавниот повик и фирмата да не може да учествува. Според информации на „Слободен печат“ добавувачот се жалел и Комисијата за жалби по јавни набавки ја прифатила жалбата. Затоа тендерот доцни, зашто фирмата која требало да се елиминира, влегла во играта и постапката морало да почне од почеток. Во меѓувреме има изготвено анекси со фирмите, за да може да се добиваат количини од протезите ама според информации на „Слободен печат“ не се потпишани. Пациентите чекаат,  тендерите се во тек. Приватните болници имаат зголемен обем за работа зашто тие што нема да добијат протеза на државно, мора чарето да си го најдат во приватното здравство. Пациент за медиумот „Сакам да кажам“ изјави дека кога не успеал да добие протеза во Скопје, почнал да се јавува во „Еразмо“ Охрид каде му кажале дека имаат по 3 протези месечно и дека ги чуваат за повредени во сообраќајки што се итни и за кои мора да има интервенции.

И пациенти што требало да добијат вештачки колк во ГОБ „8 Септември“ велат дека чекаат. Ниту знаат до кога, ниту пак имаат пари да ја платат интервенцијата приватно.

-На мајка ми треба да ѝ се вгради вештачки колк. Чека три месеци. И велат тендер не бил распишан, не прават операции, немаат материјал. И тоа таа чека за на приватно да плати 2.000 евра, а замислете за тие што чекаат државно, на листа кога ќе дојдат на ред. А пари за во приватна болница немаме. Не може да оди жената, изјави за „Слободен печат“ ќерка на пациентка чие име е познато на редакцијата а на која за првпат треба да ѝ се вгради протеза на колкот.

Директорот на ГОБ „8 Септември“, д-р Синиша Стојаноски за „Сакам да кажам“ изјави дека во ноември и декември 2024 година е отворени постапка за јавна набавка во вредност од 40 милиони денари за протези и остеосинтетски материјал, а оваа година ќе се набават протези за 80 милиони денари и потврдил дека листите за чекање се зголемуваат.

Директорката на ТОАРИЛУЦ доктор Марија Срцева вели дека протези има. Ама има и листа на чекање од 2019 година што треба да се „исчисти“.

-Протезите се ставаат во однос на индикација. Бројот на протези што е  ставен од август до декември 2024 година е поголем, споредено со минатите години. Протези има, се ставаат по индикација и се работи на чистење на листите кои претходно биле заглавени од 2019 година, изјави доктор Срцева.

Од Клиниката за ТОАРИЛУЦ информираат дека во месец ноември биле извршени просечно 18 интервенции неделно, што е значително повеќе од просекот во претходните години кој бил 10 интервенции неделно. За оваа година, во соработка со Фондот за здравствено осигурување, е обезбеден двојно зголемен буџет за набавка на материјали, што ќе овозможи двојно зголемување на бројот на пациенти кај кои ќе се вградат протези.

Проблемот со листите на чекање е долгогодишен и наследен проблем, при што според податоците од Мој Термин од страна на актуелното раководство затекната состојба според податоците од Мој Термин е дека пациенти чекале за интервенција и од 2019 година, 2020 година и следните години. Новото раководство на Клиниката активно работи на решавање на оваа состојба, со приоритет на пациентите кои најдолго чекале, велат од Министерството за здравство.

Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година извршени се 518 интервенции,  во 2020 година – 397 интервенции, во 2021 година – 364 интервенции во 2022 година – 365 интервенции, во 2023 година – 597 интервенции а во 2024 година – 600 интервенции.

Од Министерството велат дека раководството на ТОАРИЛУЦ пристапило кон нов начин на работење без реверси што се злоупотребувале во минатото.  Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија (ФЗОМ) секоја година договара буџет со здравствените установи, врз основа на нивниот планиран вид и обем на здравствени услуги. Буџетските средства се исплатуваат во месечни транши, со цел континуирано следење на реализацијата на услугите и одговорно управување со финансиските ресурси.

Здравствените установи се обврзани да обезбедат медицински материјали и опрема во согласност со нивниот план за работа и договорот со Фондот. Доколку одредена установа не врши операции за вградување на протези поради недостиг на истите, најсоодветно е да се обратите директно до таа установа за информации во врска со причините и роковите за набавка. ФЗОМ редовно врши рефундација на средства на осигуреници кои самостојно набавиле протези. Доколку осигуреник поднесе барање за рефундација, Фондот го рефундира целиот износ во согласност со утврдените процедури. Сепак, досега не е забележано зголемување на бројот на барања за рефундација на вештачки колкови, велат од Фондот за „Слободен печат“. 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот