
Овој напиток од само два моќни зачини е бомба за имунитетот, а го нарекуваат и „липосукција во шолја“
Зачините куркума и ѓумбир потекнуваат од иста ботаничка фамилија (Zingiberaceae) и со векови се познати по своите лековити својства, пишува „Живим“.
Препорачано
Ѓумбирот е познат по тоа што помага при гадење, намалување на болки и регулирање на шеќерот во крвта, додека куркумата се цени по нејзината улога во подобрување на дигестивното здравје и борба против воспаленија. Кога се комбинираат и се консумираат како популарен „шот“ напиток, нивните ефекти се засилуваат, нудејќи сеопфатен пристап кон подобрување на здравјето, покажува неодамнешна студија. Со други зборови, синергијата на овие зачини може да му овозможи на телото:
1. Моќни антиоксиданси
Слободните радикали во телото можат да предизвикаат оксидативен стрес, кој придонесува за хронични состојби како што се дијабетес, дебелина и срцеви заболувања. Моќните антиоксиданси како куркуминот и гингеролот помагаат во неутрализирање на овие штетни молекули и намалување на оксидативниот стрес.
2. Антивоспалителни својства
Хроничните воспаленија се поврзуваат со многу болести, вклучително артритис, дијабетес и срцеви заболувања. Истражувањата врз животни покажуваат дека куркуминот од куркумата и шогаолите од ѓумбирот (биоактивно соединение што се создава од гингеролот при сушење или термичка обработка) имаат силни антивоспалителни својства кои можат да помогнат во превенција и управување со воспалителни состојби.
3. Зајакнување на имунитетот
Овие два зачини имаат силни антимикробни својства кои можат да го заштитат телото од инфекции. Традиционално, се користат за лекување на настинки, затнат нос и болки во грлото, а нивните имуностимулирачки својства можат да ја зајакнат природната одбрана на организмот.
4. Намалување на болките во зглобовите и мускулите
Благодарение на антивоспалителните ефекти, куркумата и ѓумбирот можат да помогнат во намалување на болките предизвикани од состојби како што е остеоартритисот. Иако истражувањето е спроведено врз мал број учесници (60 лица), резултатите сугерираат дека комбинацијата на куркума, ѓумбир и црн бибер може да биде исто толку ефикасна како и одредени лекови против болки во намалување на воспалението и непријатноста.
5. Поддршка на дигестивниот систем и ублажување на гадење
Овие непријатни состојби можат да бидат голем проблем, но ѓумбирот е добро познат по својата способност да го ублажи гадењето, без разлика дали е предизвикано од патување, бременост или хемотерапија. Исто така, го подобрува варењето на храната со забрзување на празнењето на желудникот. Куркумата, пак, може да помогне при жгаравица и општото здравје на дигестивниот систем.
6. Здравје на срцето
Високиот крвен притисок и насобирањето на наслаги во артериите се главни ризик-фактори за срцеви заболувања, па затоа консумирањето напиток од ѓумбир и куркума може да придонесе за здравјето на срцето. Истражувањата покажуваат дека консумирање 2 до 4 грама свеж ѓумбир може да помогне во намалување на крвниот притисок, додека куркумата може да го забави развојот на атеросклерозата.
7. Помош при регулирање на телесната тежина
Истражувањата сугерираат дека куркумата и ѓумбирот можат да помогнат во намалување на телесната тежина. Ѓумбирот го забрзува метаболизмот и ја поттикнува разградбата на мастите, додека куркуминот од куркумата може да го намали создавањето на масни клетки. Поради ова, овој напиток често го нарекуваат „липосукција во шолја“.
Во продолжение, ви го пренесуваме рецептот за правење напиток од ѓумбир и куркума.
Потребни состојки:
- Свеж корен куркума
- Свеж корен ѓумбир
- Црн бибер (за подобра апсорпција)
- Портокал (опционално, за сладост и дополнителен витамин Ц)
- Вода
Подготовка:
Исечкајте го ѓумбирот и куркумата на ситни парчиња, а ако користите портокал, излупете го. Сите состојки ставете ги во блендер и миксирајте додека не добиете мазна смеса. Процедете ја смесата низ цедалка или газа. Истурете го сокот во мали шишенца и чувајте го во фрижидер до пет дена.
Сепак, внимавајте. Иако овие зачини се здрави, големите дози можат да предизвикаат дигестивни проблеми, гадење и да влијаат на лекови како што се оние за разредување на крвта или регулирање на шеќерот во крвта. Затоа, ако имате здравствени проблеми, консултирајте се со лекар или нутриционист пред да ги вклучите куркумата и ѓумбирот во вашата исхрана.