Отворен Балкан може да донесе и уште поголем одлив на дефицитарни работници од Македонија

Кај ниските вештини немаме ризици за одлив, затоа што и нашата минимална и просечна плата се споредливи во однос на регионот. Но за работници во земјоделството и туризмот, ризици постојат – покажува истражувањето на „Фајненс тинк“

Иницијативата Отворен Балкан нуди мобилност на работниците и благодарение на неа, во даден момент, може лесно да дојдеме до работници од пограничните региони на Србија и на Албанија, но постојат и големи ризици за уште поголем одлив на дефицитарните работници, особено од угостителскиот и од земјоделскиот сектор. Ова е заклучокот од изјавите дадени по повод претстојните регионални миграции во рамките на Отворен Балкан, настан што го организираше Институтот за економски политики и развој „Фајненс тинк“.
Главниот економист на „Фајненс тинк“ Благица Петрески изјави дека во Македонија постои голема поларизираност меѓу суфицитарните и дефицитарните професии.

– Од една страна имаме голем недостиг на работна сила, а од друга страна кај зголемените вештини доминираат суфицитарните јазови, така што за занимањата од педагошките факултети за едно работно место има дури 75 невработени лица. Дефицитарни јазови се за општи работници, но и за услужните дејности. Иницијативата Отворен Балкан овозможува пограничните региони да ги надополнат дефицитарните работни места. Меѓутоа ризиците постојат. И сега имаме дефицит во инженерските занимања, во угостителството. А платите во соседните земји може да бидат поголеми. Колку е поголема премијата за плата во соседните земји, толку и опасноста од мобилност би била повисока. Кај ниските вештини немаме ризици за одлив, затоа што и нашата минимална и просечна плата се споредливи во однос на регионот. Но, во однос на одредени занимања што се од цикличен карактер, какви што се земјоделството и туризмот, постојат ризици за одлив на кадар – вели Петрески.

Економскиот истражувач Михајло Гајиќ од Србија вели дека нивен предизвик е како да ги привлечат работниците од Македонија.

– Србија како најголемо поединечен пазар во регион со себе носи голема можност да привлече работници, особено центрите Србија и Нови Сад. Понудата на работа во Србија е слична како и во Северна Македонија, се бараат слични работници и тоа може да биде предизвик – дали ќе ги привлечеме работниците од Македонија? Ние веќе имаме голем пораст на платите во последните неколку година, токму поради кусокот на работна сила. Постои увоз на работници од земја како што се Куба, Бангладеш, Индија, Таџикистан особено за секторите туризам и градежништво, но и за ИТ-секторот – вели Гајиќ.

Тој рече дека и во Србија возачите во јавниот превоз се од Шри Ланка, а дека сега имаат околу 120.000 работници само од Русија. Искуството од Србија зборува за организирано доаѓање на работниците и на нив Србија не им е „отскочна даска“ за да заминат во други поразвиени земји во Европа. Притоа, платите на возачите во јавниот превоз и на камионите се над просечните плати, но и над многу плати на оние со високо образование.

Заменик-министерот за финансии и економија на Албанија Еднрит Иреирај вели дека во Албанија се ниски платите и дека во некои сектори се пониски и од Северна Македонија.

– Ние целиме да ја зголемиме продуктивноста, а не административно да се зголемуваат платите. Токму иницијативата Отворен Балкан ќе ја зголеми продуктивноста, а со тоа и конкурентноста – смета Иреирај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот