Отповикување градоначалник од следната година, Владата ќе носи нов закон за локална самоуправа

Извршната власт новиот закон го планира за следната година, а оваа есен опозициската ЛДП повторно ќе предложи измени на актуелниот закон со кои ќе се врати стариот механизам граѓаните на референдум да го „симнат“ од власт градоначалникот од чија работа не се задоволни

Владата следната година ќе донесе нов закон за локална самоуправа во кој, меѓу другото, ќе биде предвиден и механизам за отповикување градоначалник, вели министерот за локална самоуправа Златко Перински за „Слободен печат“. Тој најавува дека ново законско решение за локалната самоуправа е меѓу приоритетните за изработка и е ставено во акцискиот план за работа за следната година.

– Ќе изработуваме нов закон за локална самоуправа, во кој ќе биде предвиден механизам за отповикување градоначалник од чија работа избирачите не се задоволни. Секако, претходно ќе има широка јавна расправа во која ќе го слушнеме мислењето, пред сè, на граѓаните, на градоначалниците, на ЗЕЛС итн. Ќе ги сослушаме и сите експерти, ќе ги разгледаме решенијата од соседните земји. Целта е да се донесе современо законско решение за локалната самоуправа, актуелниот закон е стар, од 2002 година – вели министерот Перински.

Инаку, отповикувањето на градоначалник беше дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, а вклучено е и во владината програма.

ЛДП оваа есен ќе предложи отповик со референдум

Минатата есен партијата ЛДП, која тогаш беше дел од коалицијата на власт заедно со СДСМ, предложи измени на Законот за локална самоуправа со цел да се воведе механизам за отповикување градоначалник, каков што имаше во претходниот закон за локална самоуправа од 1995 година, но не доби поддршка. Претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова најавува дека наесен повторно ќе поднесат таков предлог пред пратениците.

– Ние баравме да се врати можноста со граѓански референдум да се отповика градоначалникот од кој граѓаните не се задоволни, а мотивирани од лошото раководење со Градот Скопје од страна на актуелната градоначалничка Данела Арсовска. Таква можност имаше во законот од 1995 година, а потоа во законот од 2002 година е укината. Тоа треба да се врати, затоа што според актуелниот закон, градоначалникот е недопирлив и освен ако сам не си поднесе оставка, нема начин да биде сменет пред да му истече мандатот. Ние лани тоа го предложивме, но од ВМРО-ДПМНЕ не добивме поддршка, а СДСМ премолчи. Оваа есен повторно ќе предложиме измени на законот, се надеваме дека ќе добиеме поддршка – вели пратеничката Зајкова за „Слободен печат“.

Целта на законските измени е, пред сè, на граѓаните да им се врати можноста активно да учествуваат во одлуките што ги засегаат нивните животи, вклучително и механизмот за отповикување на градоначалниците, затоа што сега градоначалниците буквално можат да ги преспијат мандатите без реална одговорност и отчетност за нивното неработење или лошо работење.

„Слободен печат“ во изминатиов период се обиде да добие мислења од уставни експерти за можноста за отповикување на првите луѓе на општините. Според едни, за секој функционер што е избран, мора да постои начин и да биде отповикан од функцијата, а според други, тоа е тешко изводливо затоа што градоначалниците, покрај претседателот на државата, се единствени функционери што се избираат на директни избори со мнозински модел, па се поставува прашање кој е тој што ќе одлучи за отповик и според кои критериуми.

Зајкова, пак, вели дека штом таков механизам веќе постоел до 1995 година, значи дека е уставен и може да се врати на сила со законски измени.

Актуелните градоначалници „ќе се спасат“

За носење нов закон за локална самоуправа или за измени на постојниот, потребно е двотретинско мнозинство во Собранието, бидејќи станува збор за системски закон.

Доколку се донесе следната година, тоа значи дека ќе нема време да ги опфати актуелните градоначалници, чиј мандат завршува во октомври 2025 година.

Според законското решение од 1995 година, за својата работа градоначалникот одговара пред граѓаните на единицата на локалната самоуправа.

„На предлог од најмалку една петтина од вкупниот број избирачи може да се отвори прашање за доверба на градоначалникот. Одлуката за недоверба е донесена ако за неа гласале 51 процент од вкупниот број гласачи во единицата за локална самоуправа“, стои во член 47 од стариот закон.

Во него е предвидено и дека на градоначалникот му престанува мандатот по сила на закон ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако заради боледување подолго од една година не може да ја извршува функцијата, како и кога е осуден за кривично дело со казна затвор подолга од шест месеци. Престанокот на мандатот ако е исполнет еден од овие услови го констатира Владата, без расправа. Во овој закон е предвидено и одземање на мандатот на градоначалникот и тоа ако е осуден за кривично дело што го прави недостоен за функцијата, како и за неоправдано отсуство подолго од шест месеци. Одземањето на мандатот го утврдува Владата и го известува Собранието кое треба да распише нови локални избори за градоначалник.

Во актуелниот закон од 2002 година овие решенија ги нема, а мандатот на градоначалникот престанува по сила на закон ако поднесе оставка, во случај на смрт, ако е осуден на затвор над шест месеци, ако со правосилно решение биде лишен од деловна способност, ако настапи случај на неспоивост за вршење на функцијата, во случај на неоправдано отсуство подолго од шест месеци и ако престане да биде жител на општината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот