
Помина интерпелацијата за Илире Даути, која не го ставаше Законот за бранители на дневен ред во Собранието
Пратениците попладнево, со 61 глас „за“, 22 против и ниту еден воздржан, ја поддржаa интерпелацијата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути, која ја поднесе пратеничката група на Левица. Даути е пратеничка од Алијансата на Албанците на Зијадин Села, која е во коалицијата Европски фронт, предводена од ДУИ.
Препорачано
Собранието констатира дека наводите за работата на Даути како претседателка на Комисијата, кои се наведени во интерпелацијата, се основани. На седницата не присуствуваа пратениците на СДСМ.
Интерпелацијата ја образложи пратеникот Сашко Јанчев, кој рече дека Даути со нејзиното „несовесно, неодговорно, противуставно и противзаконско однесување“ го кочи Законот за бранители, одбивајќи да го стави на дневен ред на Комисијата со која претседаваше.
Во текот на расправата беа изнесени различни ставови и обвинувања, а одговор на поднесената интерпелација даде и Илире Даути. Таа, зборувајќи за себе во трето лице, рече дека со самото излагање на Јанчев се докажало дека интерпелацијата е без основа.
– Од каде и да гледате, ќе видите дека претседателката на Комисијата има право зашто ја сака вистината во целост. Таа е убедена дека ако се тргнат фрагменти од историјата, вистината останува половична, а со таква вистина не може да се гради иднина за граѓаните. Но прифаќам, и пратеничката има свои слабости. Таа е Албанка и треба да се соочи со разликите кои постојат, не само во оваа институција… Таа е убедена дека за овие прашања се тргнува од човечноста и дека прво треба да бидеме луѓе – рече Даути.
Според неа, ако се прочитал член 9 од Уставот и член 176 од Деловникот „на секој ќе му биде јасно дека целта е да се покаже демонстрација на сила и диктат кон работата на пратениците што размислуваат различно“.
Илире Даути не е разрешена и ќе продолжи да претседава со комисијата, појаснува кабинетот на Гаши