Али Ахмети, Христијан Мицкоски, Фото: Фејсбук Ахмети

Откако на Ахмети му посака среќа на протестите, Мицкоски ја подотвори вратата Вреди да излезе од Владата

Премиерот беше дециден дека не функционира под уцени, а е изненаден од речникот на пратеникот Халил Снопче од Вреди и му порача да си го исполни ветувањето што претходно го даде – дека Вреди ќе излезе од Владата ако помине законот за бранителите и ако се укине Законот за употреба на јазиците

Премиерот Христијан Мицкоски ѝ ја подотвори вратата на Коалицијата Вреди за излез од Владата, а на опозицискиот лидер на ДУИ Али Ахмети му посака здравје и среќа на протестите за легитимитетот што ги навести лидерот на опозициската ДУИ. Халил Снопче од Вреди, пак, најави дека ќе ја напуштат Владата ако се донесе законот за бранителите.

Премиерот беше дециден дека не функционира под уцени, а е изненаден од речникот на Снопче и му порача да си го исполни ветувањето.

Ставањето на балансерот во мирување, најавата за преиспитување на уставноста на делови од Законот за јазиците и унапредување на правата на бранителите како жешки теми веќе извесен период ја тресат политичката сцена во земјава, но и односите во владината коалиција. Албанскиот политички блок е против да се чепка во балансерот, во законот за јазиците, а услов законот за бранителите да помине во Собранието е еднакви права да добијат и припадниците на ОНА.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ меѓусебно се обвинуваат за блокадата на законот за бранителите.

– Нека му е со среќа. Жалам што пратеничката Петровска сè уште не ги разбира парламентарните процедури. Јас на принцип на закани не функционирам. Ако некој се заканува, тогаш тоа треба и да го реализира. Затоа што ако не го реализира, тоа остава лош впечаток во јавноста. Јас на заканите не одговарам баш така како што некој очекува. Изненаден сум од еден професор што користи таков речник на закани, но тоа е, претпоставувам, негова одлука. Дали и кога ќе дојде законот за бранителите, јас не знам, тоа не зависи од мене. Јас сум претседател на Владата, но кога ќе дојде, ќе ја има нашата поддршка. Еве го повикувам (Гаши – н.з.), бидејќи СДСМ тоа го бара, да ја свика комисијата – рече Мицкоски.

Снопче во телевизиско гостување рече дека Вреди ќе излезе од Владата ако помине законот за бранителите и ако се укине Законот за употреба на јазиците.

– Поради руско влијание, доколку влезат во такви авантури и ние не го решиме проблемот навремено, тогаш за Вреди нема место во Владата. Какво место во Владата? Или со Законот за албански јазик или со Законот за бранители – рече Снопче за ТВ21.

Халил Снопче

Ахмети, пак, за „Слободен печат“ потврди дека ДУИ ќе излезе на протести пред Собранието и пред Владата за одбрана на легитимитетот. Тој најави дека подготвуваат закон за легитимитетот, но не прецизира дали финале на протестите ќе биде барањето за предвремени парламентарни избори.
Мицкоски му посака среќа и на Ахмети.

Али Ахмети за „Слободен печат“: Протести за почитување на легитимитетот и можни предвремени избори

– Исто така, и нему можам да му порачам добро здравје и со среќа нека му е – рече премиерот.

Подносителката на законот за бранителите Славјанка Петровска од СДСМ повторно го повика Гаши да ја свика Комисијата за социјална политика и најави дека СДСМ ќе бара да заседава и Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања за да расправа за неделовничкото постапување на претседателот на Собранието.

Таа побара од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да го задолжат претседателот на Собранието да го примени Деловникот идентично како што тоа го направиле со унгарскиот кредит и да закаже седница на Комисијата за социјална политика.

– Претседателот Гаши да постапи исто како во случајот со унгарскиот кредит. Тој тогаш го искористи деловничкото право и ја свика Комисијата за финансирање и буџет и назначи пратеник што ќе ја води таа Комисија. На тој начин постапката продолжи. Истото тоа го бараме да се примени и сега. Тврдам дека чекор назад е свикување на Комисијата, бидејќи и претседателката на таа Комисија јавно кажа дека нема да ја свика. Доколку не биде постапено идентично, изјавите на првиот вицепремиер Меџити дека овој закон нема да биде донесен ќе бидат само потврда дека пратениците на ДМПНЕ се само бројка во Собранието без капацитет да ги исполнат ветувањата – рече Петровска.

Славјанка Петровска пратеничка ФОТО: Слободен печат

Таа бара Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања да расправа и да утврди дали има прекршувања или погрешни толкувања и примена на Деловникот од претседателот на Собранието. Исто така, Петровска ги отфрли обвинувањата дека со законското решение за бранителите, сакаат да предизвикаат дестабилизација на државата.

– Изјавите на претставниците на партиите од власта поврзани со измените на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства по скратена постапка, дека станува збор за провокација или обид за дестабилизација, се пораз за демократијата, демант на сите изјави на тие политичари дека се свесни за значењето на соживотот, меѓуетничките односи, интеграцијата во ЕУ и својата улога во општеството – рече пратеничката.

Законот за бранителите има поддршка и од владиниот партнер ЗНАМ.

Никола Мемов/фото Слободан Печат/Слободан Ѓуриќ

-Ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во коалицијата, по однос на националните прашања на македонскиот народ. Ќе го поддржиме законот и тоа е наш претходен став. Сакаме да потенцираме дека СДСМ кога беше на власт ја испушти можноста за законот. Од месец февруари беше стопиран во Собранието и сега подметнуваат кукавички јајца во Собранието – рече Мемов.

Законот за бранители е заглавен во собраниската Комисија за социјални политики зашто претседателката на комисијата Илире Даути од „Европскиот фронт“ одбива да свика седница. Според Даути, додека таа е претседателка на работното тело бранителите нема да дојдат на дневен ред ако еднакви права не бидат обезбедени и за припадниците на ОНА.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот